Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во објава на Фејсбук ги демантира тврдењата дека Специјалниот суд за воени злосторства извршени од страна на ОВК во Косово, со седиште во Хаг, покренал обвинение против лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
– Злобната и поттикнувачка пропаганда против претседателот Али Ахмети и напорите на албанскиот народ за слобода и независност не престануваат. Лажната вест на еден албански проопозициски портал за наводното обвинение против г. Ахмети е најдобриот доказ за нивниот постојан став кон последните случувања и ослободителната војна на албанскиот народ, наведува Груби во објавата.
Тој натаму потсетува дека Ахмети е коосновач на Народното движење на Косово (НДК) и на Ослободителната војска на Косово (ОВК), „поддржувач на владеењето на правото и неселективната правда и тоа секогаш го докажувал, дури и во случајот на последното сведочење во Приштина“.
– Оние што сакаат да им наштетат на Албанците и на ОВК и нарачителите на лажните вести, добро би било да се воздржат од вакви клевети затоа што ниту минатото, ниту денешнината, ниту утрешнината нема да им простат и ќе останат со заслужената дамка, додава Груби во својот фејсбук-статус.
Портал на албански јазик објави дека Специјалниот суд во Хаг покренал обвинение против Ахмети, додавајќи дека засега сè уште не се објавени официјалните информации. Според истиот портал, Ахмети „не е единствениот лидер чие обвинение е потврдено“.
Претходно, беше потврдено дека Судот во Хаг покренал обвинение за воени злосторства против косовскиот претседател Хашим Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели и против поранешниот спикер на косовскиот Парламент, Јакуп Красниќи. По добиеното обвинение, Тачи вчера поднесе оставка на претседателската функција со образложение дека „не сака да се појава пред Судот во улога на претседател на Косово, заради заштита на интегритетот на државата“, по што самиот се предаде на припадници на ЕУЛЕКС.
Ахмети се огласи вчера по објавувањето на обвинеијата против косовските лидери, нагласувајќи дека е убеден оти неговите „пријатели, соборци, ќе бидат сведоци на правичната војна на Ослободителната војска на Косово и ќе се вратат како победници, целосно почитувајќи го владеењето на правото и локалната и меѓународната правда“.
– Војната на Ослободителната Војска на Косово беше праведна војна на албанската нација за слобода и самоопределување, но исто така и за правда и владеење на правото, демократско и кохезивно општество, ориентирано кон евро-американските вредности. Знам, како јас така и моите другари, ако имавме уште по еден живот, втора можност да се бориме за слобода и еднаквост, ќе го сторевме тоа повторно затоа што верувавме и верувавме во правото на нашата нација, истакна Ахмети во писмената изјава.
Нагласувајќи дека владеењето на правото и вистинската неселективна правда е целта на сите, Ахмети им честиташе на лидерите на Косово кои, според него, на најдостоинствен начин одговориле на повикот за правда и им посака брзо враќање на нивните должности.
Лидерот на ДУИ на 2 и 3 септември сведочеше пред претставници на Хашкиот суд во седиштето на Мисијата на ЕУЛЕКС во Приштина. По сведочењето Ахмети изјави дека бил интервјуиран во својство на сведок, нагласувајќи дека не може да даде повеќе информации се до завршувањето на процесите пред Трибуналот.
– До завршувањето на овој процес не можам да споделам никаква информација со јавноста, затоа што така е предвидено со закон. Кога ќе добие епилог процесот, тогаш ќе можеме да говориме, тогаш тоа ни го дозволува и законот, изјави тогаш кусо Ахмети.
Судот во Хаг беше формиран во 2015 година со цел расветлување и кривично гонење на наводни злосторствата извршени од страна на припадници на ОВК за време и по конфликтот во Косово, односно во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година. Иако е со седиште во Хаг и е екипиран со меѓународен персонал, Судот формално е дел од косовскиот правосуден систем. Покана да се јават пред Судот, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население, досега имаат добиено над 300 поранешни лидери или други припадници на ОВК.