Безрезервната поддршка што Европската Унија и ја дава на Македонија во процесите на развој и интеграција, посветеноста на Владата за понатамошното унапредување на реформските процеси, политиките на дијалог и стратешките цели на државата, биле дел од разговорот за време на средбата на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби со евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

Груби му ја изразил на амбасадорот Гир определбата на земјава на патот кон интеграцијата и важноста на посредувањето на Европската Унија во надминувањето на спорот со Бугарија, како и му изразил благодарност за досегашната заложба за изнаоѓање решение што ќе биде во интерес на двете страни, стои во соопштението од Кабинетот на Груби.

Груби истакнал дека нема простор за евроскептицизам меѓу политичките елити или граѓаните бидејќи сите наши достигнувања се заеднички и ќе продолжиме така.

Гир бил информиран за зелената агенда, како стратешка ориентација на земјата за подобар живот по нормативното заокружување на сите политички прашања утврдени во Охридскиот рамковен
договор и Преспанскиот договор, кои ги поставија темелите за еднаквост, демократија и еднаков економски развој.

Двајцата соговорници на крајот од оваа средба се согласиле дека треба да се вложат максимални напори за да се постигне единствената и непоколеблива цел на Македонија за интеграција во Европската Унија.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Груби, разговарале и за прославата по повод 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор и за пописот на населението. При тоа, Гир од своја страна, а во име на Европската Унија го потврди учеството на одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот договор.