Вицепремиерот Артан Груби доби одговор од пратеникот Тони Јаревски во врска со договорот на Македонија со конзорциумот Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10д и споредбата која првиот заменик премиер ја направи со Србија, каде што исто така Бехтел и Енка гради автопат.
Пратеникот Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ во објава на Фејсбук го прокоментира ставот на Груб, каде што и тој направи споредба на двата автопата – српскиот и македонскиот и го прашува првиот заменик премиер зошто не ги кажува разликите во постапката за договорот, а тите, според него, се:.
Прво, Бехтел и Енка во Србија се одбрани со тендер, кај нас директно, без тендер со договор напишан во 4 очи.
Второ, автопатот со приближно иста должина во Србија вреди 750 милиони евра, во Македонија почетната вредност со истата „Бехтел и Енка“ вреди 1.350 милијарди евра.
Трето, километар автопат во Србија од „Бехтел и Енка“ вреди 7 милиони евра, во Македонија 20 милиони евра.
Четврто, надзор во Србија е професионална фирма, надзор во Македонија е фирма за долна облека со 4 вработени.
Според Јаревски, Груби со информацијата дека договорите на Србија и Македонија со Бехтел и Енка се исти станал покрај „координаторот за сомнителни тендери со отворен сомнеж за криминал во Владата односно фабрика за пари, уште и фабрика за лажни вести“.
Груби вчера на својот фејсбук профил, по информацијата дека Србија пуштила во употреба автопат кој го гради ист конзорциум прокоментира:
– Со истиот посебен закон, со истиот договор, компанијата „Бехтел и Енка“ гради и во Србија, каде што денеска државните органи пуштија во употреба дел од автопатот. Посебен закон изгласа и Собранието, беше договорен и потпишан договор со истата фирма за изградба на коридорите 8 и 10-Д, а сега Владата плати 117 милиони евра за аванс и мобилизација. Лажните вести и блокадата на опозицијата во Собранието не можат да ја запрат градбата, само ја поскапуваат и ја пролонгираат, објави Груби.