Артан Груби во електронски пораки им наредува на директорите од ДУИ на клиниките да не примаат никакви одлуки од министерот за здравство Фатмир Меџити за разрешување, а ако е потребно да земат одмор или боледување за да се оправдаат како отсутни и да избегнат евентуално разрешување, објави Нетпрес.
Според испратените пораки, станува јасно дека покрај заострените одности во самата партија Алијанса за Албанците, од чиишто редови доаѓа министерот Меџити, кој се приклони кон фракцијата којашто го поддржива шефот на партијата Арбен Таравари, се отвора и фронт меѓу АА и ДУИ.
Претходно во четвртокот вечерта, министерот за информатичко општество и администрација од Алијанса за Албанците, Азир Алиу, кого Владата го предложи да биде разрешен заедно со неговиот сопартиец министерот за здравство Фатмир Меџити, пред почетокот на партиското собрание што се одржува во Куманово, истакна дека ДУИ го продуцира раздорот во АА.
„Во нашиот политички систем првпат се случува една политичка партија да влегува и да прави политички процеси во друга политичка партија. Тука мислам на ДУИ, којашто делува и прави раскол во Алијанса за Албанците“, рече Алиу.
За в петок е закажана собраниска седница за разрешување на министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, двајцата од Алијанса за Албанците, кои го поддржаа актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари што се залага за предизборна коалиција со Европскиот сојуз за промени.