Битиќи спремен да прифати кандидатура за претседател на државата

/ 08.02.2024

Во однос на претстојните претседателски избори вечерва на Алсат свои амбиции пројави потпретседателот на СДСМ и вицепремиер, Фатмир Битиќи. Ова го кажа при гостување во вестите во 19 часот.

„Имам номинација од значителен дел од ограноците во СДСМ. Сега е во тек процес за консултации и тоа треба да заврши со конгресот. Јас имам кажано дека ако се бара консензуален кандидат како што сум јас, тогаш би прифатил таква понуда“, изјави тој.

За министрите од АА, тој кажа:

-Претседателот на Алијанса јасно кажа дека е приврзан со опозицискиот блок и тоа беше иницијално поглавје на сите настани во овој период. Знам што ќе правиме ние како СДСМ, ќе гласаме согласно предлогот. Ние ја поддржавме техничката влада, го поддржавме претставникот на техничката влада затоа што нашиот пат е многу јасен. Можеби за разлика од многу лидери на политички партии, ние ја сакаме оваа земја и оваа држава малку повеќе од другите, бидејќи гласавме и за техничката влада со министрите на ВМРО-ДПМНЕ, додека ВМРО се воздржуваше од гласање“, рече Битиќи.

Тој додаде дека Европскиот фронт, односно европскиот дух и желбата на 2/3 од населението да ја види земјата интегрирана во ЕУ ги прави оптимисти дека следната влада ќе ја предводи СДСМ, рече потпретседателот на СДСМ

„Сега, после многу години ми се чини дека некаде во 2008 година за последен пат имаме толку јасна поделба на блокови, опозиција-позиција и во албанскиот блок. Ние не правиме компромиси со идеологијата и духот на евроинтеграциите. Решени сме, нашата иднина е во ЕУ и ќе направиме се што е потребно на овој пат. Политичките партии кои сметаат дека е добро да се биде дел од владата за да се постигнат само краткорочните цели отколку оваа наша среднорочна цел затоа што долгорочната цел на оваа држава е да биде место во кое сите сакаат да живеат, среднорочна цел е интеграција во ЕУ, тука нема да има компромис со СДСМ, така што би рекол дека политичките партии што оделе напред-назад е нивна лична одлука“, рече Битиќи.

 


Од истата категорија