Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби заедно со директорот на „Македонија пат“ Беким Мемети, директорот на „Државни патишта“ Ејуп Рустеми и директорот на Агенцијата за спроведување на јазикот Илбер Села денеска направи увид во замената на старите еднојазични патокази со нови кои се напишани на албански, македонски и англиски јазик.
По тој повод, вицепремиерот рече дека јазичната еднаквост ќе се рефлектира долж Коридорот 8.
– На последната седница на Владата ја усвоивме одлуката и годишната програма за работата на ЈП „Државни патишта“. Коридорот 8 е решен во форма на автопат во целост, вклучувајќи и трета лента на автопатот на патот Тетово-Гостивар, изградба на автопат
од Гостивар до Кичево, автопат Кичево-Охрид и Охрид-Струга-Ќафасан, односно нашите граѓани од Ќафасан до Блацое со Република Косово или до другите граници ќе се возат по модерен автопат, изјави Груби.
Според Груби, модернизацијата на Коридорот 8 и неговата реконструкција е од особено значење заради регионалното поврзување и соработката и е од економско значење за земјава.
Во изјавата, Груби истакна и дека со оваа одлука на Владата продолжуваат инвестициите во насока на подобрување на квалитетот на патната мрежа и зголемување на безбедноста во согласност со правилата на Европската Унија.