Артан Груби и висок функционер од ДУИ денеска изјави дека во парламентарното мнозинство се добредојдени сите партии кои се залагаат за европската иднина на државата и отворање на преговорите со Европската унија.
-Во моментов разговараме не само со Алтернатива туку има контакти и со други политички партии што се дел од Собранието за да се приклучат на парламентарно мнозинство или да го поддржат и мислам дека сите тие што сакаат да ја видат … Македонија во ЕУ ќе се приклучат кон ова парламентарното мнозинство. Јас сум уверен дека Заев ќе ја почне процедурата за нов претседател на СДСМ, ова е процес што не завршува за еден ден, туку мислам дека ќе трае еден месец и дотогаш се надевам дека ќе имаме стабилно парламентарното мнозинство и да продолжиме со реформи преку, првично одобрувањето на буџетот на државата, но и решавање на спорот со Бугарија, рече на новинарско прашање Груби кој присуствуваше на одбележувањето на 113-годишнината од Битолскиот конгрес и 14-годишнината на постоењето на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија.
Тој информира дека вчера разговарал со премиерот Заев за средбата што ја имал со Алтернатива, и оти денеска ќе имаат нова средба во врска со случувањата со новото парламентарно мнозинство. Нагласи и дека во разговорот не станало збор за кадровски прашања поврзани со евентуалниот влез на Алтернатива во Владата.
-Не верувам и не очекувам драматични случувања во земјава и убеден сум дека и Гаши, но и другите албански политички партии, вклучително и Касами и Села, се свесни за значањето на овој момент и случувањата што се превземаат во Брисел во насока на отворањето на преговорите, и нема да направат ниеден чекор за да ја загрозат европската иднината на земјата, посочи меѓу другото Груби.