Лажните вести и блокадата на опозицијата во Собранието не може да ја запрат градбата на автопатите, може само ја поскапат и да ја пролонгираат, вели првиот вицепремиер Артан Груби.
Тој во објава на Фејсбук вели дека од пратениците зависи дали автопатите ќе се градат побрзо и поевтино или побавно и поскапо.
– Со истиот посебен закон, со истиот договор, фирмата Бехтел – Енка гради и во Србија, каде државните органи денеска пуштија во употреба дел од автопатот. Кај нас специјалниот закон го изгласа Собранието, со истата фирма е склучен договор за изградба на коридорите 8 и 10-Д, а неделава Владата плати 117 милиони евра за аванс и мобилизација. Лажните вести и блокадата на опозицијата во Собранието не можат да ја запрат изградбата, само да ја зголемат цената и да го продолжат рокот за завршување, објави Груби на Фејсбук.
Моравскиот коридор во Србија, во должина од 112 километри, што го гради фирмата Бехтел и Енка е со договор во износ од 800 милиони евра, а автопатите во Македонија во должина од 109 километри ќе чинат 1,3 милијарди евра.