Никола ГРУЕВСКИ
Деновиве уште еднаш ни ја сервираа старата теза дека во Бугарија комунистите правеле „присилна македонизација“ и затоа имало толку Македонци на пописот во првите два пописи по војната.
Уште поинтересно е што затворањата на поранешните припадници на ВМРО во комунизмот ги препишуваат на тоа дека не сакале со сила да станат Македонци па затоа ги затворале. Вистината е дека комунистите во Бугарија ги затворале бидејќи ги сметале за фашисти и „Ванчомихајловисти“.
За тоа колку се грижеле за Македонските комити и востаници, сведочи и изјавата на тогашниот министер Григор Наќевиќ кој во 1903 за бегалците од Македонија изјавил дека ќе пристигнат десетици илјади голтари и ќе треба да се грижат за нив. Еднаш околу 1905 или 1906, С.Радев го прашал Чакаларов, како му е во Бугарија, а овој му одговорил: ”Во Костурско бев Цар, овде сум обичен бакалин“. Македонците се чувствувале како граѓани од втор ред во Бугарија, но многу од нив немале друг избор.
Факт е дека со прст не мрднале од Софија за време на Илинденското востание.
Организацијата го знаела тоа и сепак тргнала во востание.
Сарафов во Смилево им рекол на делегатите, помош од Бугарија да не чекаат.
Видовме и дека тврдат дека Ѓорче Петров тајно отворил некои магацини во Софија од каде се изнело оружје за Илинденското востание и така се наоружале востаниците.
За набавката на оружјето за Илинденското востание постојат експлицитни документи дека ВМРО сама ги купувала. Купувале од браќата Иванови, познати трговци и преку Наум Туфекџиев. Сето тоа го плаќале со пари.
Еве и еден цитат од монографијата за Сарафов на Проф. Др. Никола Жежов, каде Н. Зоографов како пунктов началник му пишува на Сарафов, од која се гледа јасната дистинкција на Македонците и Бугарите:
„Вооружувањето на Македонија е најважната работа на Комитетот. За да ја овенча со успех, неопходно му се нужни пограничните градови или содејството или бездејството на полицијата, затоа што ако полицијата на Бугарија не преследува, на сто седумдесет од работата ние ќе губиме. А многу пати од искуство знам дека полицијата само малку да и потшушнат „следете“ и таа се ќе нѐ открие и многу ќе изгубиме. Ете затоа јас се осмелувам и Ве молам да не закачуваме (вклучуваме, м.з.) ниту еден граѓанин немакедонец во пограничните градови (со исклучок на шпионите) за да не влеземе во конфликт со полицијата, бидејќи дознав дека Дупничките Евреи се пожалиле кај францускиот конзул. По тој пат може многу лесно да дојде мисла на нашите управници за да се зачуваат себеси од непријатности, да не жалат ништо што е свето. Сакам да кажам додека не пренесеме доволно оружје за нашите потреби да се чуваме од конфликти со пограничните полициски власти. Овие зборови на Н.Зографов до Б.Сарафов биле суштински и ја одразувале вистинската состојба во пограничниот пункт на ТМОРО во Ќустендил…„ Н. Зоографов го пишал ова при обид да го одврати Сарафов од план за една акција во која требало да се киднапира одредено лице Евреин, но суштината е каков бил односот на Бугарската полиција кон ВМРО (ТМОРО во тој период) и како тие ја чувствувале истата.
Еве уште еден цитат од истата книга, од кој се гледа колку Македонците биле Бугари.
,,…На крајот од писмото Тролев го запознал Сарафов со конечната цел на обуката:
Преку сето ова, ако успеам да привлечам повеќе луѓе исклучително Македонци, ќе се погрижам тогаш да ги подведам под клетва, некои од нив за да бидат готови во секоја минута на располагање на комитетот, откако ќе ги земам на еден начин оние кои што се во состојба да ги вооружам и да им доставам по една пушка, колку што е можно поевтина.
На ваков начин всушност ВМК под раководство на Б.Сарафов, ги подготвувал првите вооружени чети, составени од доброволци – Македонци кои постепено се обучувале за ракување со оружје…“.
Инаку точно е тоа дека со радост биле пречекани Бугарските војници во многу градови, но поради фактот што во кралството Југославија било неподносливо тешко. Илузијата за наводно ослободување била изживеана веќе кон крајот на 1941 година. Се до создавањето своја држава, Македонскиот народ славел ослободители за кои набрзо сфаќал дека се нови окупатори. Тоа не е случај само со Бугарската војска во 1941 година.
Интересно е што Бугарија никогаш со закон не го официјализирала присоединувањето на Македонија во 1941 година, затоа што Германската власт не го дозволила тоа. Имале само администрирање со Македонија. Германците во втората светска војна изјавувале дека имаат поинакви планови со Македонија. Германските документи јасно ставале до знаење дека има дистинкција меѓу Македонците и Бугарите.Во оваа „едукација“ помешана со грст навреди, лични напади и дисквалификации кои дојдоа од високи владини функционери на источниот сосед и нивни апологети во Македонија, по моите аргументирани обраќања, повторно високи функционери на нашиот источен сосед ни кажаа дека во втората светска војна немало борба на Македонци со Бугари, туку тоа била идеолошка војна помеѓу левицата и десницата на Бугарското население во Македонија, па индиректно можеби тоа треба да е и некакво оправдување за убиствата на сите оние кои војувале на страната на партизаните за ослободување на Македонија. Убивале комунисти, а не Македонци и тоа го правеле и во Бугарија. Така, наместо извинување, се чини како да се прави обид за изнаоѓање оправдување за убиствата на антифашистите Стив Наумов, Кузман Јосифоски – Питу, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Цветан Димов, Орце Николов, Таки Даскалов и илјадници други партизани и антифашисти.
Патем да потенцирам дека мал дел од партизаните биле вистински комунисти по убедување. Најголем дел се приклучиле на комунистичката партија, заради национални цели, бидејќи таа партија понудила организирана вооружена борба со цел создавање Македонска држава, а поттикната од одлуката на Коминтерната за која погоре напишав. Истото се случува и во Грција. И таму Македонците масовно се приклучуваат на ДААГ, не затоа што толку се вљубени во комунизмот, туку за ослободување на Македонија и создавање независна Македонска држава.
Во неаргументираните напади по моето јавно произнесување и поставување прашања на г. Денко Малески, неговите штитеници, не нарекоа „шумадиски шајкачи и грчки вергини“. Претпоставувам дека во еден низок стил авторот укажува на тоа дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ во времето кое го предводев се поврзало со Србија бидејќи имало во коалицијата Српска партија, а со оној дел „Грчки вергини веројатно се алудира на Сонцето од Кутлеш, кое го смета за Грчки симбол негирајќи го античкиот дел од историјата на Македонија, а тоа е основата на тврдењето дека Македонците биле Бугари.
Во контекст на тоа би поставил неколку прашања.
Зошто Бугарските премиери од Стамболиски до Ќосеиванов одеа да се поклонуваат во Белград? На сите тие посети од Србија беше барано Бугарија да ја уништи ВМРО, што и се случи во 1934 година.
Премиерот Стамболиски потпиша капитулантски договор со Кралството на СХС во март 1923 година, каде се обврза да ја уништи ВМРО, па и тој и двајца министри за внатрешни работи во тие пресметки настрадаа и ги загубија животите токму од ВМРО.
Кимон Георгиев во 1934 година под диктат на Белград, тргна да ја уништува ВМРО, а членовите на ВМРО гниеја по затвори до 1941 година. Ѓеорги Ќосеиванов во 1937 година потпиша капитулантски договор со Југославија за т.н. вечно пријателство.
Е сега, кој е Српска шајкача? Сите премиери на Бугарија помеѓу двете светски војни, освен Цанков делумно, трчаа во Белград.
Интересни се наводите кои пред неколку години излегоа во објавени декласифицирани документи на ЦИА во делот за Македонија. Со целата резерва за нивната точност (фотографија од документот подолу во прилог), извештајот содржи неколку интересни работи. Според истиот, висока делегација на Југославија во март 1949 година, во Анкара, Турција, одржала средба со делегација на ВМРО, предводена од Иван Михајлов. Според извештајот на ЦИА, на оваа средба Михајлов побарал и добил писмен договор од југословенската страна, барањето се однесувало за формирање независна „Македонска држава“ и на каков начин југословенската држава можела да ја помогне таа замисла. Според договорот, Југославија ја прифатила идејата за создавање одделна и независна држава на македонскиот народ и бил договорен начинот како таа ќе помогне, правејќи ги сите дипломатски напори за меѓународно прифаќање на оваа замисла, вклучувајќи и влијание врз јавното мислење во Грција, Бугарија и Југославија во корист на овој план. При тоа, југословенската страна се обврзала во текот на две години од склучувањето на овој договор да ја финансира ВМРО на Ванчо Михајлов. Со овој документ и двете страни ја истакнуваат засебноста на Македонците, а ВМРО требало да престане со сите антијугословенски активности и да агитира за независност меѓу Македонците во Бугарија и Грција. ВМРО се обврзала, да ја стави во служба сопствената разузнавачка служба што била активна во Бугарија, Грција, Романија и Албанија на располагање на Југославија а во случај на воен судир да им нареди на македонските сили да дејствуваат со југословенските сили. Југославија се обидела да се вметне клаузула во договорот дека новата македонска држава ќе може да се изјасни во корист на балканската федерација, меѓутоа ВМРО го одбила предлогот и ова се оставило за понатамошно решавање. Договорот бил, владата да биде демократска и да биде ниту анти ниту про-комунистички настроена, дел од договорот кој бил важен за ЦИА. Двете страни склучиле одбранбен сојуз, но било предвидено дека ќе престане да постои, доколку во иднина Југославија се обиде да влијае во внатрешните работи на македонската држава. Со ова се констатирал одделен, посебен, македонски супстрат од двете страни.
Во друг документ на ЦИА, кој можеби може да се доведе во корелација со претходниот, исто така декласифициран и објавен кој датира од 1952 година, се објаснува дека Тито имал интерес да ја прошири Македонија кон Бугарија и Грција, но по силно влијание, како што се објаснува во документите на ЦИА, се откажал од таа намера и одлучил да го затвори македонското прашање за Егејска Македонија преку тоа што ќе им дозволи на Грците да ја заземат таа територија, а заедно со помош на западните сили народот да биде асимилиран или етнички прочистен. Тој се согласил на ваков план, бидејки имал интерес за силна соработка со ЦИА. Потоа се справувал со незадоволните активисти на ВМРО кои излажани и изманипулирани, решиле дека треба да преземат акција против диктаторот, па започнале повеќе дејности кои ја промовирале нивната идеологија за Обединета Македонија. Одговорот на Тито по 1952 година пристигнал преку интензивно следење на дејците на ВМРО од страна на УДБА, репресии, апсења и необјаснети убиства на сите оние кои работеле на оваа идеја.
Останува во иднина историската наука да ги расветли деталите од овие официјално објавени декласифицирани информации на ЦИА.
На крајот, приложувам неколку фотографии од текстови околу Македонскиот карактер на ВМРО.
Првите две фотографии се од циркулар до околиските и локални раководни тела на Организацијата во Македонија под бугарска власт од 5 септември 1922 г, потпишан од Тодор Александров. Во него меѓу другото се вели: „таа организација е непартиска и не се меша во внатрешните работи на царството Бугарија, но таа будно внимава да не му дозволи никому да се служи со Македонија како монета за поткусурување со Македонското дело за лични и партиски цели. Целата Македонска организација во деловите на Македонија останати под Србија, Грција и Бугарија се раководи од заедничкиот конгрес на Организацијата, од затекнатиот Централен комитет, врз основа на последниот правилник на Организацијата и во согласност со инструкциите, циркуларите, привремените наредби и други издавани од Централниот Комитет во духот на правилникот согласно член 112. Организацијата во Македонија под Бугарска власт…“.
Следува фотографија од текст на проект за спогодба меѓу ВМРО и Руската советска република од 30 декември 1923 година, каде меѓу другото стои дека ВМРО која ги преставува МАКЕДОНЦИТЕ што се борат за национално самоопределување, политичка слобода, самоуправа и можна најголема социјална правда, има цел: Обединување на Македонија, распарчена меѓу Бугарија, Србија и Грција во 1913г со Букурешкиот договор за мир и со Нејскиот во 1919 г. во една политичка единка која подоцна ќе биде рамноправен член на една Балканска федерација или барем во првата своја етапа – на една Југословенска федерација.“
Следува фотографија од телеграма од 16 октомври 1927 год. од амбасадата на Чехословачка во Софија до МВР во Прага за влошените односи меѓу Бугарската влада и ВМРО и намерата на владата да го уапси Ванчо Михајлов, во која меѓу другото стои: „Македонскиот комитет се заканува дека ќе ги ликвидира членовите на владата ако наспроти предупредувањето, владата посегне на неговите членови. Прашање е како владата ќе го изврши апсењето, кога целата полиција е од Македонци. Енергијата на владата се поткопува од нерешителноста на некои министри. Сега владата превзема мерки за сопствена безбедност. Кризата ќе избувне веднаш штом белградската влада побара да бидат уапсени определени лица, главно Иван Михајлов. Последниот е душата на комитетот и организатор на последните атентати… Македонците се закануваат со атентат на големиот жупан Добрица Маткович…,,
Следуваат и фотографии од повеќе други чехословачки и австриски документи, како и документи на самата организација потпишани од Тодор Александров, меѓу двете светски војни каде Македонците се именуваат како Македонци, а не како Бугари.
Потсетувам и на изјавата на министерот за образование на Бугарија, Иван Шишманов, дадена на францускиот новинар, публицист и книжевник Гастон Рутие, кој по илинденското востание есента 1903 година ја посетил Македонија и Бугарија, а објавено во книгата „Македонија во делата на странските патописци, 1903“ чиј редактор е академик Александар Матковски.
„По десет години, ако Македонија стане автономна, таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, ќе постојат само Македонци… Ако Европа го мисли спротивното, таа греши, ако Бугарите сметаат на бугаризација на Македонија, тоа се илузии“.
Се прашувам како е можно ова да го знаел и говорел овој бугарски министер за образование, за кого соговорникот забележал дека бил доста забележителен и образован, а да не можат да го разберат некои други луѓе со високи титули, денес дури 117 години подоцна. И тој ли бил зол комунист? И тој ли ги сакал Тито и партизаните? И тој ли бил србоман или ги сакал Русите? Инаку И. Шишманов бил писател, етнограф, политичар и дипломат, школуван во Женева и со докторат во Лајпциг, а подоцна член на академијата на науки на Бугарија. 15 години подоцна бил и амбасадор во Киев. Бил прв претседател на Бугарската пан-европска унија.
Жално е што речиси во третата декада на 21 век, соседна официјална Бугарија, наместо вистинско пријателство кон Македонија, какво што реално има помеѓу луѓето од двете земји, наместо да ни помогне да се приклучиме на ЕУ ден порано, ја користи својата положба како членка на ЕУ да не принуди да не го нарекуваме нашиот јазик Македонски и да се согласиме под плаштот на т.н. заедничка историја, во целост да ја присвои Македонската историја. Тоа секако историјата ќе го забележи, како и секој добар и лош чекор од минатото кој бил забележан и секако гледано на долг рок ова ќе им биде уште една загубена битка, што и да се случува на краток рок. Македонските власти, треба да излезат од романтичниот сон дека со огромните и непринципиелни отстапки кои ги направи кон Бугарија, дека ги затворила сите прашања со нашиот сосед и треба добро да ги отвори очите што прави.