Никола ГРУЕВСКИ
Честитки за македонската фудбалска репрезентација за денешната победа и за првиот пласман на Европското фудбалско првенство.
Честитки за сите фудбалери кои дадоа допринос во овие квалификации, честитки за селекторот на репрезентацијата Игор Ангеловски кој по неговото доаѓање во 2015 година внесе нов дух и резултати во играта. Честитки за стрелецот на одлучувачкиот гол во овој денешен натпревар со Грузија – Горан Пандев, кој е и главниот столб на репрезентацијата низ годините наназад, како и за целиот стручен и организациски тим на фудбалската федерација ангажирани околу натпреварите на македонската репрезентација.
Постои една максима која вели: “успехот е резултат на голем број исправно донесени одлуки”.
Во тој контекст, честитки и за сите кои во 2012 година учествуваа во реализација на неколку значајни идеи кои создадоа база на која се изградија успесите на младинската, а еве потоа и на А репрезентацијата, тргнувајки од формирање на детски фудбалски лиги па се до реализација на идејата за отворање на академијата за фудбал која со закон предложен од владата, се вклопи во образовниот систем на Македонија, од каде сега потекнува костурот на денешната фудбалска репрезентација на Македонија. Дури 12-13 фудбалери кои играа за А репрезентацијата на Македонија во овој циклус на квалификации потекнуваат токму од таа фудбалска академија, а само на денешниот натпревар костурот на тимот е токму од фудбалската академија.
Најпрвин овие први генерации кои произлегоа од фудбалската академија се пласираа на младинското европско првенство во 2017, што исто така беше прв пласман на Македонија во младинска конкуренција до 21 година, а подоцна повеќемина од нив беа превземени во А репрезентацијата и дури петмина беа дел од денешниот тим кој ја совлада Грузија.
Се покажа дека тој концепт и тој проект кој тогаш го формираше владата, Министерството за образование и наука тогаш предводено од Спиро Ристевски и Агенцијата за спорт и малди, тогаш предводена од Марјан Спасовски, во непосредна и одлична соработка со фудбалската федерација на Македонија тогаш предводена од Илчо Георгиевски беше токму она што недостасуваше. Помогна и дополнителниот ангажман кој во тие години го направи ФФМ во ангажирањето на неколку фудбалери со потекло од Македонија но родени и израснати во Швајцарија, Хрватска и други држави од кои двајца денес беа дел од тимот. Секако огромна беше улогата и неколку искусни играчи од претходната генерација и неколку други кои не се дел од академијата.
Инвестициите во 50 фудбалски терени за голем фудбал, изградбата на националната арена Филип Втори Македонски, изградбата на околу 100 мултифункционални игралишта, околу 110 спортски сали, спортскиот центар Борис Трајковски итн, со овој успех уште еднаш се покажаа како правилна инвестиција и добија уште поголема смисла.
Кога ќе се изгради база која произведува добар кадар(академијата), инфраструктура(терените и салите), кога поискусните ќе добијат подршка од новите таленти и кога ќе се соберат најдобрите на едно место и ќе играат со љубов за Македонија, успехот е неминовен.
Овој тим има капацитет и за повеќе од овој пласман на европско првенство. Верувам дека тоа ќе го покаже следната година.
Со среќа !
Да живее Македонија!