Никола ГРУЕВСКИ

За прв пат после една година судење и претходна истрага, денес обвинителката Лиле Стефанова застана во одбрана на Јордан (Орце) Камчев во судницата, рамо до рамо, поточно дури и пред неговите адвокати, барајки да не се прифатат аудио снимки како доказ во судската постапка во кои снимки со разговори Камчев искрено раскажува се, од тоа дека јас немам никаква врска со земјиштето за кое ме товарат, до тоа чие е и кој го купил и кому го продал земјиштето, па и со какви притисоци се соочува тој лично но и неколку други лица (подоцна сведоци на обвинителството), кои Камчев ги именува во разговорот (Алек, Миле…) од кои уште тогаш со уцени и притисоци од обвинителството се барало лажно да сведочат против мене (се доби впечаток, ретко виден во судниците, обвинетиот и неговиот обвинител да застанат на иста страна).

Обвинителката денес наведе меѓу другото, дека тие снимки за кои се бараше да бидат доказ во судската постапка не биле од јавен интерес туку од само мој личен интерес!?

Денеска се демонстрираше во судот една “Нова коалиција”, како ова да е политичка сцена а не суд, направена минатиот месец после неколку лични средби на Камчев со обвинителката во која е направена нова конструкција за завршување на предметот и по која Камчев комплетно ги смени своите позиции од претходните, кога бранејќи ја вистината на секое рочиште на судот беше во силен емотивен вербален конфликт со обвинителката, според присутните и медиумите често на граница на пристојно однесување, па во неколку наврати судијата мораше да интервенира со “гаснење” на зовриените страсти. Типично за човек кој носи силно чуство на неправедно обвинет.

Па така, од една страна обвинителката на власта Лиле Стефанова без апсолутно никаков доказ ме товари дека во време кога сум извршувал јавна функција (премиер и претседател на најголемата политичка партија) сум присвоил пари од партијата од донации и членарини кои сум ги употребил за купување земја и иако преставникот на партијата во судот кажа дека немаат таква информација дека јас сум присвоил пари од партијата, ниту пак постои ревизорски извештај со кој такво нешто се констатира, таа сепак води постапка против мене.

Од друга страна таа кажа дека доказите, поточно аудио снимката од разговорот на темата за која сме обвинети меѓу мене и Камчев, не биле од јавен интерес и предложи од страна на судот да не се прифатат како докази, по што судијата не ги прифатил.

Втората нејзина забелешка била дека истите биле веќе објавени, што е смешно во однос на снимките кои беа прифатени во десетиците предмети на СЈО и случајот “Рекет” каде сите до една беа објавени па беа прифатени како доказ во судска постапка.

Третата причина била дека јас сум го снимал Камчев без да го информирам и за тоа не покажа никаков доказ или документ, а и незнам кој кого информирал дека го снима во другите слични на овој предмети.

Значи класични двојни аршини!

Двојни стандарди!

Статистиката покажува дека над 95 осто од обвиненијата во Македонија поднесени од страна на обвинителството судот ги прифаќа.

Веројатно ќе беше изненадување да се случеше денес спротивното.

Македонија е земја каде што денес судиите дефакто се потчинети на обвинителите, а обвинителите на власта, особено во предметите каде во позадина е политиката.

Тоа е дефакто хиреархијата, која е целосно изопачена во однос на нормалните и демократски држави во кои не се вршат политички прогони.

Во Македонија ако обвинителството ти покрене обвинение, шансите судот во Македонија да не го прифати се под 5 отсто, а пак во овие политички предмети веројатноста да не те осудат е во рамките само на теоретска можност, освен ако не се договориш да им станеш или соработник или да направиш други политички или национални остапки какви ми беа нудени веднаш после референдумот доколку се согласам да им обезбедам пратеници за смена на Уставот а со цел смена на името, идентитетот и историјата, “игра” во која одбив да учествувам.

Сите до еден пратеници во тоа време може да го посведочат дека никогаш не сум побарал такво нешто од нив.

Идентично како што неколку месеци претходно, во јуни 2018 година, пристигнуваа понуди од ист тип ако јавно го поддржам штотуку постигнатиот и објавен договор со јужниот сосед.

Втора важна работа денес е што излезе на површина еден од елементите од преговорите на новата коалиција “Обвинителство-Камчев” односно “Власт-Камчев” а тоа е преквалификација на обвинението на Ратка Камчева-мајка на Орце Камчев која исто така беше обвинета во предметот.

Преквалификацијата е направена на начин што обвинението и е заменето со друга квалификација, која од сега запретената казна од 1 до 10 години затвор, предвидува од 1 до 3 години затвор, што според Законот значи дека делото застарува за 6 години, односно минатата 2021 година е застарено, така што кога ќе се чита пресудата ова ќе биде соопштено, односно дека завршил периодот кога оваа обвинета може да се гони.

Ратка Камчева во овој предмет, како и сите останати обвинети немаат никаква вина, и таа беше ставена само со една цел – да се врши поголем притисок на нејзиниот син Орце Камчев со цел тој да стане соработник на обвинителството/власта спасувајќи ја мајка си, и целосно или делумно и себе си, односно да дава лажни изјави какви што ним им одговара.

Конечно, на крајот на процесот обвинителството ја исполни таа цел.

Во следниот период до комплетно завршување на оваа постапка, вклучувајќи ги и повисоките судови но и предметот “Империја” (а можеби и нешто друго, некоја нова закана на обвинителот со нов потенцијален предмет кој не е познат на јавноста), ќе видиме со што се друго Камчев ја трампал лажната изјава против мене, односно што се друго обвинителството му ветило за да им “игра пиперевка” што би рекол самиот тој.

Камчев освен лажни изјави, за кои јавноста во саботата се увери слушајќи аудио разговори помеѓу мене и него водени од фебруари 2021 година, за да ги задоволи апетитите на власта ќе треба да поклони на државата и три стана во вредност од околу 1.3 милиони евра, за да ги прикажат како станови кои требало да бидат мои во некое идно неопределено време, што исто така е дел од смилената конструкција во последен момент пред завршување на предметот.

И конечно, имајќи во обзир дека светската судска пракса не ги зема во обзир исказите на обвинетите како докази (во случајот исказите на обвинетите Орце Камчев, Ристо Новачевски и другите), бидејќи правната теорија разработила и утврдила дека обвинетите може да лажат за да се спасат, се се сведува на ЧУВСТВА.

ЧУВСТВАТА на Мето Стојчевски, зетот од сестра на Орце Камчев и на уценетиот бизнисмен Александар Ивановски познат по прекарот Алек Теранова.

Имено и двајцата кажаа дека имале имот, кој не го чуствувале за свој.

И двајцата кажаа дека за тој имот никогаш не разговарале со мене, никогаш не сум побарал од нив да ми купат и чуваат имот, ниту сум им дал или земал пари, ниту сум ги прашал нешто за тој имот кога сме се среќавале, ниту пак тие (според нивните искази) ми кажале дека ми чуваат некаков имот кога сме се среќавале.

Друг некој им рекол дека е тоа за мене и толку. Тој друг во судот го негира тоа дека го рекол.

Материјален доказ не постои.

Плаќања од моја страна или примање пари од моја страна непостојат. Ниту една фирма или трансакција не е моја или на мој близок.

И како што со право рече Орце Камчев во нашиот телефонски разговор во фебруари 2021 година во време кога Камчев како што кажува веќе ја имал целата документација за предметот и имал дадено исказ во обвинителството: (цитирано од аудио снимката)

Јордан Камчев:
“Знаете што? За да идат на сила треба барем нешто да имаат. Ако материјалните докази не се на нивна страна, како ќе кажат тие тоа? Ниту има пари од ВМРО, ниту има пари од генерален секретар, ниту има пари од Груевски, ниту има пари од Мијалков, ниту има нешто. Едно е да збориш, друго е со документи, тоа е сосема различно”.

На ова јас му одговарам во тој разговор:

“Ќе одат на брутални притисоци на луѓе, тоа ќе го прават 100%! Им го знам методот. На пример, му наоѓаат на некој некоја друга чарка, и му викаат сега ти тука така вака-онака, …ама не е така… не, ние вака го толкуваме, и ајде сега ти помогни ни тука, ние ќе ти помогнеме на друго место…”, по што малку подоцна Камчев објаснува дека е под голем притисок уште во тоа време со секојдневни закани за апсење, но дека тоа му е веќе начин на живот, како што низ тие разговори од лични средби со нив ми раскажуваше дека под голем притисок и УЦЕНА е и другиот сведок кој доби ЧУВСТВО дека неговиот имот не е негов

– Александар Ивановски наречен Алек Теранова.

Кој не верува нека ја преслуша втората снимка од двете излезени на јутјуб каналот “The true above all” (“Вистината над се”),нк во овој статус.