Никола ГРУЕВСКИ

Неодамна, на 13 ноември се одбележаа 77 години од ослободувањето на Скопје, значаен историски настан за Македонија и Македонците. Се потсетивме на херојските подвизи на партизаните и многуте загубени и жртвувани животи за слободата и државноста. Но, интересно е да се разгледа уште еден агол на овој период на Втората светска војна.

Улогата и учеството на ВМРО во Втората светска војна, главно со предрасуди и без посериозни истражувања, во дел од историографијата е прикажано како фашистичко и антимакедонско. Главен мотив за таквиот пристап била исклучително антикомунистичката ориентација на членството на ВМРО, која комунистичките лидери редовно ја прикажувале и како, наводно, фашистичка ориентација. Сепак, документацијата покажува дека голем дел од раководството на расформираната ВМРО, не соработувало ниту со германската фашистичка власт, ниту со институциите на официјалната бугарска власт во Македонија. Еден од тие членови на раководството на ВМРО е и Кирил Дрангов.

Кирил Дрангов

Неодамна, пред неколку месеци, излезе од печат монографија за Кирил Дрангов со наслов “Под заклетва на ВМРО” од Проф. Др. Никола Жежов, која всушност е прва таква монографија воопшто за оваа личност од историјата, бидејќи ниту во Македонија, ниту во Бугарија досега немаше монографија за него. Практично во двете земји имињата на овие личности не се споменуваат во историските учебници, тие беа еден вид табу тема, убиството или самоубиството на Дрангов во Бугарија не е објавено во медиумите и не се знае каде е неговиот гроб.

„Под заклетвата на ВМРО“ — Монографија за Кирил Дрангов од Проф. Д-р. Никола Жежов

Станува збор за една генерација македонски револуционери кои биле членови или високи раководители на михајловистичката ВМРО за кои создадената перцепција е дека сите биле соработници на бугарскиот и германски окупатор. Но, архивските документи како од Македонија, така и од Бугарија не ја потврдуваат оваа наметната перцепција од комунистичката власт во двете земји. Точно е дека еден дел од нив соработувале со окупаторот, за што има цврсти докази, но голем дел од нив не соработувале и биле прилично дистанцирани од бугарската власт во Македонија и од германските претставници и се труделе да создадат услови за создавање на независна македонска држава, што било спротивно на интересите на бугарската окупаторска власт во Македонија. Од тие причини биле постојано следени и биле пишувани редовни извештаи од тајните служби за нивните активности, средби, настани и сл.

На некој начин тие ја имале истата идеја како македонските партизани, ослободување и создавање независна држава, но со сплет на околности се нашле во близина на спротивната страна. Ако добро и документирано се проучат нивните животи и активности многу лесно ќе се дојде до заклучок зошто тоа било така, а одговорот пред сѐ е дека НОБ била предводена од комунистичката партија, со која членовите на расформираната ВМРО со години биле антагонизирани. Се бореле меѓу себе со децении, па дури и се убивале. Втората причина била што идејата на комунистичката партија била создавање на идната слободна македонска држава да биде дел од федерацијата — Југославија, против која исто така со години и децении членовите на расформираната ВМРО се бореле кога вардарскиот дел на Македонија меѓу двете светски војни припаѓал таму, жртвувајќи се да ја донесат слободата на Македонија.

Оттука, не постоел начин како тие да се најдат во таборот на сојузниците, во победничкиот табор, таборот предводен од комунистите спремни да добијат државност, но како дел од Југославија, иако имале идеи за создавање независна македонска држава.

По војната, стариот антагонизам меѓу ВМРО и комунистите, го искористила новата комунистичка власт, да ги прогласи поранешни војводи и членови на расформираната михајловистичка ВМРО за соработници на окупаторот (и тие што навистина биле и тие што не биле, а тоа се повеќето од нив) и во најголем број случаи да ги ликвидира, со или без судења, а еден дел да помине низ децениски мачења по затвори.

Професорот Д-р Никола Жежов автор на истражувањето и книгата која е монографија за Кирил Дрангов потсетува дека дел од историските толкувања, кои немаат целосно документирана подлога сметаат дека македонските дејци од поранешната ВМРО кои дошле или се затекнале за време на бугарската окупација на Македонија биле поделени во две различни групации.

Првата група била составена од Димитар Чкатров, Димитар Ѓузелов, Спиро Китинчев и други, и таа според ова тврдење била поблиска до Бугарската влада. Во втората група се наоѓале Кирил Дрангов, Васил Хаџи-Кимов и други и тие биле поблиски, според оваа, теза со Ванчо Михајлов и со Германската власт.

Васил Хаџи-Кимов

Авторот укажува дека двете групи биле со различни цели и соработка и тоа е целосно точно и веродостојно. Но, тврдењето дека Кирил Дрангов и Васил Хаџи-Кимов биле во иста група е сосема погрешно и неаргументирано, како и тезата дека биле блиски до германската власт. К. Дрангов и В. Хаџи Кимов идеолошки се наоѓале на спротивни страни, затоа што првиот бил член на михајловистичката ВМРО, вториот бил комунист, а потоа член на протогеровистичката ВМРО, така што не само што не соработувале, туку постоел и анимозитет меѓу нив за време на целиот период на бугарската окупација, што веројатно е и причина што Хаџи Кимов ниту еднаш го нема спомнато Дрангов во своите Спомени за Втората светска војна, а членовите на михајловистичката ВМРО ги нарекувал “Врховисти”.

Иван (Ванчо) Михајлов

Тоа е и период кога Кирил Дрангов отворено се дистанцирал од Ванчо Михајлов, бидејќи не можел да ја прифати неговата безрезервна и отворена соработка со Германија и со фашистичката власт. Дрангов го отфрлил и предлогот да биде назначен за министер на бугарското министерство за внатрешни работи, а претходно и за правосудство и за образование.

Ванчо Михајлов и Анте Павелиќ

За недовербата на односите на Михајлов и Дрангов сведочи и Петар Ацев, член на раководството на ВМРО. Последната средба меѓу Дрангов и Михајлов се случила во Будимпешта, при што првиот се жалел дека раководителот на ВМРО постојано наоѓал изговори да влегува во конфликти со него. Кирил Дрангов во конфликтот со Ванчо Михајлов, исто така му забележувал што често го посетувал Анте Павелиќ во Загреб, за чија организација, која добро ја запознал, веќе од поодамна Дрангов немал добро мислење. Поради тоа, Дрангов веќе фигурирал на “црниот список на Ванчо”. За одлуката на Ванчо Михајлов да го ликвидира Кирил Дрангов уште многу порано, во 1934 година, Жоро Настев кој исто така бил дел од раководството на ВМРО, самиот му соопштил на Дрангов, со зборовите:

Знаеш ли Кириле дека ние се подготвувавме да те убиеме? Ратко (Ванчо Михајлов) ме сондираше за тоа мене и Куртев, на кој што беше кажал дека ти веќе си ја заслужил смртта

Жоро Настев

Но пред да отидам понатаму со настаните и активностите на оваа група за време на Втората светска војна, за оние кои не знаат многу за Кирил Дрангов, а сакаат да се запознаат, ќе го посветам првиот дел од овој натпис, во кој ќе можат да се запознаат со најважните моменти поврзани со него за полесно да го разберат вториот дел. Во вториот дел, ќе се вратам на Кирил Дрангов, но и на други припадници на расформираното ВМРО и нивните активности, планови и идеали во времето на Втората светска војна. Се разбира, оние кои ги знаат главните работи од револуционерното дејствување на Кирил Дрангов до втората светска војна, може да го прескокнат првиот дел. Додека оние кои не ги интересира овој дел на историјата на Македонија, може тука да завршат со читањето.

ПРВ ДЕЛ: Кој е Кирил Дрангов?

Кирил Дрангов (1900–1946) е интересна политичка личност за два важни историски периоди. И оној период на ВМРО под српска власт и периодот на Втората светска војна.

Интересно е тоа што К. Дрангов е личност која истовремено е интелектуалец со завршен Правен факултет, адвокатско искуство и со период на стажирање во Франција и Австрија, во време кога процентот на високо образовани на Балканот е многу низок. Тој е политичар, во комуникација е со многу други политичари и дипломати од Европа и Балканот, дел е од раководството на ВМРО, револуционер, организатор на многу атентати, директен учесник во некои од атентатите, одговорен за следење и откривање шпиони на Организацијата, одговорен за безбедноста на Организацијата, пунктов началник на ВМРО во неколку големи градови на Балканот и Европа во различни времиња, специјалист за експлозиви и бомби, обучувач на атентатори во логори и тренинг центри, во еден период од неколку години притворан и политички интерниран во различни градови, постојано следен од полицијата, фатен на граница во обид нелегално да избега и побара азил во друга земја и во периодот на Втората светска војна добил понуда за министер во Влада за правосудство, а подоцна и понуда за министер за образование.

Тој е син на полковникот Борис Дрангов (1872–1917). Таткото на Кирил, Борис Дрангов е роден во Скопје, кој по завршувањето на педагошката школа во Скопје, завршува и во машката гимназија во Софија а подоцна и во военото училиште во Софија, каде како колега со Гоце Делчев, Борис Сарафов и Ефрем Чучков формирал просветен кружок кој имал за цел ослободување на Македонија.

Одржувал контакти со Врховниот Македонски комитет (ВМК) под раководство на Сарафов, кој додека е под водство на Борис Сарафов е на иста линија со ВМРО (во тоа време ВМОРО) и практично во тој период ВМК ја финансира набавката на оружје на ВМРО и пошироко го помага ВМРО, затоа што делуваат со иста цел.

Генерал Александар Протогеров

Полковникот Борис Дрангов загинал за време на првата светска војна, поточно на 26 Мај 1917 кај завојот на реката Црна. Учесник е во двете балкански војни и првата светска војна заедно со Александар Протогеров и како таков стекнал голема слава, па за него има многу книги, сведоштва и историски статии. Погребан е во Скопје.

Дел е од оние македонски офицери кои во предвечерието на илинденското востание ја напуштаат службата и се приклучуваат на Илинденското востание. Тој се вклучил во четите на Славчо Ковачев и Атанас Бабата и неговата активност и судир со османлиските војски е во кратовско.

Мајката на Кирил Дрангов, Рајна Дрангова е со потекло од селото Младо Нагоричане.

Борис и Рајна Дрангови

Нивниот син — Кирил Дрангов е истакнат член на ВМРО и по убиството на Тодор Александров станува приврзаник на ВМРО на Ванчо Михајлов и еден од најблиските и најдоверливи негови соработници, на моменти и негов фанатичен следбеник, кој сепак на крајот, во последните години од животот демонстрирал јасно дистанцирање и разочараност од Иван Михајлов.

Јордан Чкатров

Кирил Дрангов по завршувањето во машката гимназија во Софија во 1921 година се запишал на правниот фауклтет во Софија (каде и дипломирал и подоцна најпрвин стажирал а потоа и работел како адвокат) каде бил основач а некое време и претседател на студентското друштво ,,Вардар,, каде претходно претседател бил и прилепчанецот Јордан Чкатров.

Извесно време Дрангов посетувал настава на универзити низ западноевропските градови: Гренобл, Франција и Инсбрук, Австрија. Во Инсбрук ја разработувал тезата по меѓународно право за Нејскиот мировен договор.

Личен документ од Кирил Дрангов при неговиот престој во Австрија

Виена, 1923 година

Извршувал задачи зададени од Тодор Александров, како на пример патувањето заедно со Јодан Чкатров во Виена во 1923 година и по налог на ЦК на ВМРО учествувал во формирањето на ММТРО (Младата македонска тајна револуционерна организација).

На 20 Ноември 1923 година, мошне млад на свои 22 години, Кирил Дрангов бил предложен за одликување со највисокото признание на ВМРО-организациска значка за заслуги “За пројавена голема преданост кон каузата на Македонија и за принесените заслуги од Организацијата, спроведени со изложување на опасност” што значело голем напредок за младиот Кирил Дрангов во хиерархијата на ВМРО, како и здобивање на голема доверба кај членот на ЦК, Тодор Александров.

Асен Даскалов

Кирил Дрангов подоцна е многу активен во делот на разузнавачките активности што се однесувале на Организацијата и на нејзината сигурност. По наредба на Александров, Дрангов, заедно со Ј. Чкатров и Асен Даскалов се вклучиле и во агитација меѓу делегатите на Илинденската организација во одреден критичен период.

Кирил Дрангов е еден од првите на кои Иван Михајлов му ја соопштува веста за убиството на Тодор Александров, ден по враќањето од тајниот погреб на Александров во присуство на најтесен круг раководители на ВМРО, пред воопшто јавноста да дознае за убиството и побарал од него да организира ликвидација на лицата кои Михајлов ги посочил за организатори на убиството.

Кирил Дрангов, кој со Иван Михајлов се познавал уште од студентските денови во тој период безрезервно му верувал на Михајлов и заедно со поголема група каде се и Петар Шандаров, Панчо Михајлов-Чавдар, Јордан Ѓурков, и други, учествува во т.н. Горноџумајски настани на 12 септември 1924 година познати и како „Македонската вартоломејска ноќ“ каде и лично, во исто време со Шандаров пука и го убива Алеко Пашата, а ликвидиран бил и Г. Атанасов во една голема престрелка.

Георги П. Христов, Ванчо Михајлов и Александар Протогеров
Георги Баждаров

Тоа бил настан на кој и покрај големата доверба кон Михајлов, сеќавањата на повеќемина кажуваат дека Кирил Дрангов му пришол со една значајна доза на резерва во однос на исправноста на тој чекор и уште пред настанот покажувал извесни знаци на колебливост, а по настанот според Ѓорѓи Баждаров, Дрангов по убиството рекол:

Добро ли, зло ли направив, незнам, но го направив тоа

а според кажувањата на Шандаров, Дрангов со вперен револвер во Александар Протогеров во истиот настан извикал:

Кажи зошто го убивте Тодор?

Според кажувања на други учесници:

Кажи кој го уби Тодор

на што збунетиот генерал се бранел дека не знаел ништо за тоа и немал никакво учество во истото, а за да се спаси во еден момент му рекол на Дрангов:

Пријатели бевме со татко ти

Александар Протогеров

Членот на ЦК на ВМРО Александар Протогеров бил поштеден од ликвидација токму заради тоа пријателство, иако не се исклучува можноста и дека не бил на списокот на Михајлов за ликвидација во тој момент.

Подоцна Дрангов заземал сè повисоки и подоверливи позиции во ВМРО и тој особено се ангажирал во создавањето на терористички групи на ВМРО кои во тоа време станале основното јадро на новата тактика на оружената борба на ВМРО што сакал да ја примени Ванчо Михајлов.

Во 1925 година бил назначен за пунктов началник на ВМРО во градот Софија позиција на која бил три години и која веќе го вбројувала во раководните личности на ВМРО. Набрзо, особено по априлските настани во црквата “Св. Недела” во Софија, кога дел од политичките фактори во Бугарија вината ја насочиле и кон ВМРО, иако зад целиот настан стојат цел сплет на околности и настани на организации и партии од левичарска провиниенција, Дрангов веќе се нашол на листата за ликвидации на Бугарската комунистичка партија, чие непријателство кон Дрангов започнало уште во 20-тите години, пред се поради обвинувањата кон него дека е идеолошки непријател на бугарските комунисти.

Дрангов кој е делегат на неколку конгреси на ВМРО имал и задачи во странство, како во Минхен (1926 година) каде ја средувал организациската поставеност на ММТРО, па веднаш потоа во Трст заедно со Никола Велев, како пунктов началник на ВМРО во Виена, а подоцна К. Дрангов бил и пунктов началник на ВМРО во Будимпешта.

Никола Велев

Сепак во периодот на 1927 година Дрангов е најмногу фокусиран на следење на сомнителни лица и шпиони од редовите на Организацијата, а заедно со Протогеров со кого ги вратиле добрите односи по оној крвав настан по убиството на Тодор Александров, координирале и некои тајни планови на вмешани луѓе, блиски до ВМРО, кои соработувале со српските разузнавачки служби, по што се формирал и организациски суд кој ги разгледувал обвиненијата за шпионажа на припадници на ВМРО и истиот изрекол голем број смртни пресуди од ВМРО.

Владимир Куртев

Сепак, смртните пресуди биле извршувани без одобрување на ЦК што било услов согласно статутот на Организацијата и тоа било со цел Михајлов да ги избегне влијанијата на другите два члена на ЦК, од кој едниот е Александар Протогеров, кои најпрвин попустливо се однесувале кон ова, но подоцна истото станува и причина за еден од најголемите расколи во организацијата проследени со огромен број меѓусебни убиства, што започнува по неучеството на протогеровистите на седмиот конгрес на ВМРО. Дрангов подоцна во 1927 станал и пунктов началник на ВМРО за Софија.

Страхил Развигоров

Тој заедно со Владимир Куртев и Страхил Развигоров се обидувал да посредува помеѓу Протогеров и Михајлов и да ги смират непријателствата, но тие обиди не завршиле со успех, за на крајот Михалов на своја рака, да издаде наредба за ликвидација на Протогеров, издадена токму на Кирил Дрангов, кој го организирал убиството по што започнува жестокиот судир помеѓу двата табора, кои прераснале во две посебни организации, откако приврзаниците на Протогеров кои не пристигнале на конгресот го оспориле неговиот легитимитет.

Кирил Дрангов и Страхил Развигоров

Кирил Дрангов е и човекот кој во 1927 година го пронашол Владо Черноземски во селото Белово каде што работел како дрвосечач, го убедил и регрутирал во редовите на Организацијата и го донел во Софија каде го вработил како шофер, па од таму и прекарот “Владо шоферот”, личност која подоцна станува еден од најголемите атентатори на Организацијата.

Величко Георгиев, попознат како Владо Черноземски

Години подоцна, Кирил Дрангов е човекот кој ја започнува обуката на хрватските членови на усташката организација во логорот Јанка Пуста — Унгарија, каде по неколку месеци, откако Владо Черноземски излегува од затвор, по извесен негов престој во Будимпешта, истата обврска му ја предава нему, а тој оди во Будимпешта за извршување други задачи, каде истиот бил назначен за пунктов началник и каде уште во 1932 година го носел со него Черноземски како негов помошник. Познато е дека таа обука, која подоцна Дрангов неколку пати одел да ја надгледува, е претходница на атентатот на кралот Александар во Марсеј 1934 година. Во тие подготовки, според одредени податоци, германското разузнавање било директно вклучено при што операцијата носела кодно име “Тевтонски меч“. Инаку во логорот Јанка Пуста во Унгарија, ВМРО обучувало и свои терористи, како на пример Доно Ореховски, кој по задача на Кирил Дрангов учествувал во саботажи и атентати на територијата на Грција. Инаку српските весници го сметале Дрангов за главната врска помеѓу Анте Павелиќ и Ванчо Михајлов.

Анте Павелиќ

Во времето на пресметката со протогеровистичкото ВМРО, Кирил Дрангов бил еден од најспоменуваните личности за ликвидација, бидејќи го сметале како еден од најодговорните за направените ликвидации, и споменувањето на неговото име предизвикувало страв и паника меѓу нив, па истиот се движел со неколку телохранители.

Во биографијата на Кирил Дрангов познато е и дека на почетокот на 1931 година бил на обука во Италија каде што се обучувал за подготовка на т.н. ,”книги бомби”, експлозив кој се употребувал за атентатите на територијата на Македонија под власта на Кралството Југославија но и за пресметките со припадниците на протогеровистичката ВМРО. Дрангов станал еден од најподготвените и најобучени луѓе во раководството на михајловистичката ВМРО кога биле во прашање подготовките и употребата на експлозивни средства. Во Србија, како составен дел на Кралството Југославија, Кирил Дрангов бил наречен “крал на атентаторите“. Според српските весници, Дрангов бил поврзан со експлозијата на “секоја пеколна машина”. Дрангов ги предводел сите атентаторски акции на ВМРО поврзани со експлозии во возови, напади на гранични караули, уништувања на железнички линии во Македонија под српска власт, динамит во патнички торби и напади со револвери врз припадници на српската власт. Располагал со вештина да ги одбере местата за атентат, проценка на луѓе, а по извршената акција им делел и парични награди на атентаторите. Едноставно според српските медиуми “Дрангов има вкус” но и со квалификации од типот, злосторник, крволок и терорист. Всушност општиот заклучок на српските весници и анализи биле Кирил Дрангов бил еден од најблиските луѓе на Ванчо Михајлов.

Во 1931 година Дрангов заминал во Будимпешта, за да се запознае со начинот на пакување на пироксилин и други експлозиви кои во големи количини пристигале во Бугарија. Тоа е период кога се одвива и поблиска соработка на ВМРО со усташката организација од Хрватска. Тоа е период кога Дрангов често патува низ Европа и тоа најчесто во Унгарија, Австрија и Италија. Во Јануари 1933 година К. Дрангов учествувал на состанокот со Анте Павелиќ и Густав Перчец, водачите на усташката организација, при што се разговарало за засилување на терористичките акции во Југославија.

Владо Черноземски

Во 1932 година Кирил Дрангов станува резервен член на ЦК на ВМРО, а по неговото заминување од Будимпешта на негово место за пунктов началник е назначен Владо Черноземски.

По превртот во Бугарија и доаѓањето на владата на “Звено“ следува и расформирање на ВМРО во 1934 година. Настапиле тешки денови за членовите на ВМРО, убиства, прогони, интернации, апсења итн. Дрангов извесно време се криел од Бугарската полиција и се обидел нелеглно да ја напушти територијата на Бугарија во време кога полицијата имала распишано потерница по него. Уапсен е заедно со Жоро Настев непосредно пред преминот на бугарско-турската граница и следат тешки 4–5 години во притвори, затвори и интернации во различни градови од страна на бугарската полиција и држава, откако власта интензивно трагала по него кого го сметала за опасен човек за безбедноста на државата.

Кралот Александар Караѓорѓевиќ

Тоа е време и кога се случува атентатот на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј, Франција, во чии подготовки тој бил обучувач во првата фаза на подготовките, така што бугарската држава имала уште еден мотив и притисок повеќе да го уапси.

Српските весници полагале голема надеж дека неговото апсење ќе отвори нови детали за атентатот на кралот Александар, но Кирил Дрангов не дал никако признанија пред бугарската власт, особено во делот на атентатите, и динамитните акции на ВМРО, без оглед на тоа каде и кога се случувале.

Марсејскиот атентат, 9 Октомври 1934

Од онаа малку и недоволно што извлекле од него било дека лично тој остварувал контакти со министри од унгарската влада, кои познанства датирале уште од почетокот на триесеттите години и дека извесно време бил главен инструктор на усташките борбени групи, кои исто така имале соработка со унгарската власт. За настаните освен српските и бугарските весници, пишувале и неколку унгарски и повеќе европски весници.

Михаил Монев

Не бил само Дрангов уапсен, уапсени се и поранешните членови на раководството на ВМРО Владимир Куртев, Жоро Настев, Михаил Монев и Јордан Чкатров и голем број други. Бугарската власт не можела да изнајде доволно докази за да му изрече затворска казна на К. Дрангов, па затоа можела да си дозволи да го држи најпрвин во притвор, а подоцна подолго во интернација, носејќи го од едно во друго гратче низ Бугарија, со максимално ограничено движење, што сепак нему му било доволно за да ги одржува контактите со другите лица под прогон. Бугарската влада правела сè за да ги задоволи барањата на официјален Белград од каде внимателно се следел случајот.

По две години по затвори и интернации, на распитите почнал да протестира дека без пресуда и без судење го држат во интернација. Бугарската власт преку интернацијата сакала да ја ограничи дејноста на Дрангов и другите, како и евентуалните контакти со И. Михајлов со цел да не дојде до возобновување на ВМРО и затоа подолго Дрангов морал да биде лишен од слобода. На 9 Април 1936 година заради нарушено здравје бил ослободен од затвор и заминал на лекување, но под полициски надзор. Следењето не запрело и во 1937 година, како кон него така и кон неговите соборци од поранешната ВМРО.

Во 1937 година бугарската влада потпишала Пакт за вечно пријателство со Кралството Југославија, што како договор бил непријателски дочекан од бројната македонска емиграција во Бугарија, па бугарската влада преку свои посредници се обидувала да изврши притисок врз Дрангов и неговите соборци околу нивно јавно одобрување на овој договор, но тие одбиле да го прифатат тоа.

Генерал Јордан Пеев

Во ноември 1937 година во Севлиево Дрангов, Чкатров и други оствариле средба со новинар кој бил контакт со И. Михајлов а во тој период доаѓале и други такви луѓе, по што Дрангов и Ј. Чкатров повторно се пратени во интернација од Севлиево во градот Елена од каде тие продолжиле со испраќање протестни телеграми до највисоките раководители на државата, но не добиле позитивен одговор, така што во гратчето Елена останале до октомври 1938 година, кога Дрангов кратко повторно дошол во Софија, но токму тогаш се случило убиството на бугарскиот генерал Јордан Пеев.

Кимон Георгиев

Откако се востановило дека оружјето на атентаторот потекнувало од член на ВМРО, Дрангов и неколку други повторно биле пратени во интернација, при што Дрангов бил пратен во гратчето Карлово, а во октомври 1938 година и покрај негодувањата и јавното писмо против поранешниот премиер Кимон Георгиев од “Звено“ добил нова интернација во гратчето Борисовград во областа Стара Загора каде по краток престој и Дрангов и Жоров се ослободени.

По излегувањето од затвор и интернација извесно е дека Дрангов имал средби со Иван Михајлов во Берлин во 1939 година, а темата била возобновување на ВМРО и задачите на ВМРО во случај на ширење на веќе започнатата Втора светска војна на Балканот. Се разгледала и идејата за организирање на вооружено востание на ВМРО во вардарскиот дел на Македонија со цел создавање на “Слободна и независна Македонија“.

Постојат и некои податоци од одредени дипломатски извори дека од 26 Јануари 1940 година, ВМРО ја возобновила својата револуционерна дејност на начин што во Германија бил одржан конгрес на кој Ванчо Михајлов бил избран за претседател а Кирил Дрангов и Грбовски за потпретседатели, но архивите на МПО укажуваат на спротивната теза за односите на Михајлов –Дрангов, а тоа е дека во 1940 година Дрангов и Ј. Чкатров го напуштиле Михајлов и дека недоразбирањата помеѓу нив нараснале. Сепак, постојат доволно информации дека пред влегувањето на Бугарија во Втората светска војна, Кирил Дрангов во Софија се обидувал да го возобнови македонското револуционерното движење иако бил под постојано полициско набљудување. Тоа е време кога во Софија, Дрангов започнал да се занимава со адвокатура, што му овозможило и поголема слобода на движење и на контакти со старите соборци од ВМРО.

ВТОР ДЕЛ: Втора светска војна и улогата на членовите на расформираната ВМРО

Иако по бугарската окупација на вардарскиот дел на Македонија, односите меѓу Кирил Дрангов и Ванчо Михајлов привремено се подобриле, настаните покажувале дека двајцата поранешни членови на ВМРО имале различни ставови околу статусот на Македонија. Дел од членовите на ВМРО ја користеле секоја прилика да го актуализираат ослободувањето на Македонија и создавањето на независна македонска држава и тоа го гледале како можност за решавање на македонското прашање во согласност со целите и стремежите на ВМРО.

Тома Малечков

Така според личниот секретар на Ванчо Михајлов — Тома Малечков, поранешните членови и високо позиционирани во хиерархијата на ВМРО како Владимир Куртев, Жоро Настев, Кирил Дрангов, Михаил Монев и Асен Аврамов, спротивно на мислењето на Михајлов, потпишале заедничка декларација за новонастанатата состојба во Македонија, иако според истиот извор расположението на Ванчо Михајлов во тој момент било во друг правец и тој веќе не вршел агитација за создавање на “Независна Македонија”. Дури Михајлов барал да бидат следени одредени македонски дејци кои агитирале за ”Автономна Македонија”, а тоа биле В. Куртев, Жоро Настев и Кирил Дрангов (Бистра Риндова: Забравени дејци на ВМРО, 2016, 198/199).

Ова значело дека Михајлов и Дрангов се нашле на две различни страни со почетокот на Втората светска војна во Македонија. И други податоци и извори укажувале на тоа дека идејата за слободна и независна Македонија била подржана од повеќето членови на раководството на ВМРО: В. Куртев, Ж. Настев, К. Дрангов, Асен Аврамов и Димитар Цилев. Во Горна Џумаја, денешен Благоевград, приврзаници на ВМРО отворено агитирале за создавање на слободна и независна Македонија со своја самостојна управа. Тие биле радосни за распадот на поранешната Југославија и сеуште се жалеле од бугарската власт дека ги прогонуваат како членови на ВМРО и им советувале воздржаност, како што навел Дрангов. Овој исказ на Дрангов и соборците од ВМРО покажува дека тие се наоѓале во немилост на Бугарската влада поради пропагандата во полза на создавање на независна македонска држава, поради што повикувале на воздржаност на членството на Организацијата.

Според податоците на државниот архив на Македонија, видно од исказот на Димитар Ѓузелов при давањето исказ пред ОЗНА по доаѓањето на новата комунистичка власт во Македонија, тој кажал дека кога ја посетил Софија со цел да оствари средба со Бугарскиот министер за внатрешни работи Петар Габровски во април 1941 година, тој претходно се сретнал со видните членови на Македонската емиграција Асен Аврамов, Христо Арсов, Димитар Цилев, Пано Поп-Антов, Жоро Настев, Кирил Дрангов и други… со цел да добие информација околу политичкиот живот во Бугарија и заклучил дека тие биле со опозициски став кон Владата.

Проф. Д-р. Жежов во неговата монографија за Кирил Дрангов наведува дека тоа преставува доказ за недовербата на релација Бугарска влада-членство на ВМРО во Бугарија, што можеби било и пресуден момент за негово заминување во Скопје кон крајот на април или почетокот на мај 1941 година, каде отворил адвокатска канцеларија на првиот кат во зградата наречена “Дом Ибни Пајко” и бил мошне популарен и влијателен адвокат.

Трајко Чундев

Архивските документи од судењето на Трајко Чундев во ноември 1948 година (Јован Павловски, “Судењата како последен пораз“), укажува на решеноста на повеќемина членови на расформираната ВМРО, меѓу нив и Кирил Дрангов, по навлегувањето на бугарската војска, да заминат во Македонија и таму да ја продолжат својата политичко општествена активност во правец на ослободување на Македонија. Ваквите вести ја алармирале бугарската власт во делот од Македонија под бугарска власт, која стравувала дека ќе ја изгуби контролата врз ВМРО и Македонското прашање и затоа внимателно ги следела активностите и движењето на членовите на Организацијата, посебно во градот Скопје.

Во пролетта 1941 година во Скопје пристигнале голем број на дејци и војводи на ВМРО. Еден дел од нив биле ангажирани во бугарската администрација, но дел од членовите на ВМРО дејствувале независно и дистанцирано од бугарскиот административен апарат, затоа што бугарската власт во Македонија имала друг правец на дејствување. Таа се обидела преку пропагандни активности и организации да создаде впечаток кај Македонците дека се случувало наводно ослободување на Македонија, а не окупација со помош на германската војска, во што на почетокот имала и успех кај дел од населението.

Интересно е што во акционите бугарски комитети, во кои не се вклучиле голем број од припадниците на расформираната ВМРО (дел од нив се вклучиле), во самиот почеток голем број подоцна видни комунисти и народни херои, се вклучиле во нив. Листата е долга. На пример Страхил Гигов се вклучил во велешкиот акционен бугарски комитет. Мино Минов, човекот кој подоцна го има убиено Кочо Рацин, исто така. Панко Брашнаров се вклучил. Се вклучил и Ванчо Прке, подоцна народен херој убиен во 1944 година. Васил Гранков од Штип, исто така комунист.

Васил Хаџи Кимов е во велешкиот но и во ЦК и.т.н. Парадоксот е во тоа што овие комунисти, кои во подоцнежниот период ги напуштиле овие тела и се приклучиле на комунистите, по војната станале државни функционери или народни херои, а многумина од поранешното раководство на ВМРО кои не се вклучиле во овие комитети, иако дистанцирани од бугарската власт, подоцна заради идеолошки причини, се судени, затворани, мачени и стрелани под лажен превез на соработници на окупаторот, колоборационисти и слични квалификации.

Највисоко позиционираните во расформираното михајловистичко ВМРО, како Кирил Дрангов, Владимир Куртев, Жоро Настев, Асен Аврамов и Димитар Цилев останале ревносни приврзаници на идејата за “слободна и независна Македонија” и не ги прифатиле понудените високи позиции во администрацијата на Бугарската власт ниту пак вклучување во одредени организации основани со подршка на власта.

На 29 Мај 1941 година во црквата Св. Богородица во Скопје била одржана панихида по повод смртта на полковникот Борис Дрангов , татко на Кирил Дрангов.

Кирил Дрангов на панахидата на неговиот татко, Борис Дрангов во црквата Света Богородица во Скопје

На настанот биле десетина припадници на расформираното ВМРО: Д-р Костадин Станишев, инженер Христо Станишев, Владимир Куртев, Жоро Настев, Михаил Монев, Асен Аврамов, Кирил Дрангов, Димитар Чкатров и Ди митар Ѓузелов. И овој настан не останал незабележан од бугарската полиција во Скопје, која внимателно го следела дејствувањето и прославите и панихидите во кои учествувале македонските дејци од ВМРО, согласно тоа и Кирил Дрангов. Зошто полицијата би следела некоја панихида ако на неа се нејзини приврзаници, односно приврзаници на Бугарија?

Софија, 1921 година

Полицијата ревносно ги следела сите настани каде се појавувале дејците на расформираното ВМРО и секојдневно се пишувале извештаи за нивното движење и активности за целиот период на бугарската окупација на Македонија.

Величко Велјанов — Чичето

Така било и со доаѓањето на поранешниот скопски војвода на ВМРО, инаку личност чија чета по наредба на Тодор Александров по превртот во Бугарија, во јуни 1923 година сурово го ликвидирала штотуку срушениот бугарски премиер Александар Стамболиски од земјоделската партија кој ги прогонувал и убивал припадниците на ВМРО, сечејќи го жив неговото тело на стотици парчиња кои ги расфрлиле во радиус од неколку километри.

Александар Стамболиски

Величко Велјанов-Чичето обиколил повеќе скопски села каде што бил срдечно пречекан од страна на локалното население, а според архивските документи на бугарската полиција тој бил внимателно и во чекор следен како и лицата кои контактирале со него.

Од истите архивски документи на бугарската полиција може да се констатира дека припадниците на расформираната ВМРО се ценело дека се опасни за бугарската власт во Македонија и во врска со тоа во извештајот од еден настан од 10 јуни 1941 година од една манифестација во Скопје каде биле присутни и Дрангов и Чичето, јасно стоело напишано дека:

Голема дејност на службите пројавуваше извесниот Атанас Албански кој што заедно со поранешните македонствујушчи, Кирил Дрангов и Владо Попов, работеше за автономија на Македонија.

Атанас Албански

Вакви разузнавачки полициски извештаи од нивното следење имало постојано од секој нивни состанок, настан, активност и слично. Иако официјално кон нив односот бил со љубезност и најчесто лицемерна почит, особено кон Кирил Дрангов, во голема мера и заради славата на неговиот татко, сепак, бугарската власт на нив гледала како на опасност за плановите на бугарската држава за трајно задржување на Македонија, бидејки тие ја ширеле идејата за независна Македонија.

Такви се и архивските белешки од следењето на бугарската полиција на поранешните членови на ВМРО од состанокот одржан на 5.јули 1941 година во домот на Иван Пиперков во Скопје, каде присуствувале К. Дрангов, В. Куртев, Димитар Илиев, И. Пиперков, Д. Ѓузелов, Димитар Чкатров, и Атанас Албански. Темата на состанокот била назначување на пунктови началници низ поголемите македонски градови, по принципот на старата ВМРО, изразување на поголемо незадоволство кон бугарската власт поради поставување на раководни луѓе во повеќе градови, а доведени од Бугарија или кои биле блиски на гермнската команда. Дури договарале да предложат градоначалници на Скопје и Битола, поранешни пунтови началници на ВМРО, но и планови за обединување на сите групи од расформираната михајловистичка ВМРО, и група која ќе го посети Ванчо Михајлов кој во тоа време се наоѓа во Загреб.

Службите внимателно проследиле дека следниот ден на 6.јули 1941 година од Софија во Скопје пристигнале “македонствујшчите“ Димитар Цилев и Димитар Куртев, придружени со други луѓе и се сретнале со К. Дрангов и други лица. Детални полициски извештаи има и од следните месеци и години, како на пример извештајот за Пешо Гребенаров и дружбите на Дрангов со Шефки Рамиз — поранешен пратеник и еден од водачите на турското малцинство во Скопје, за кого службата имала докази дека работел за автономна Македонија, заедно со локалните војводи.

Адолф Бекерле

Дрангов бил многу внимателен и на некои средби, како на пример средбата со германскиот дипломат во Софија Адолф Бекерле, на која не се приклучил, што покажува дека бил мошне внимателен кон потезите и постапките што ги презел во тоа време и со недоверба гледал и кон бугарската влада, но и кон претставниците на германската нацистичка власт и во Македонија и во Бугарија. Понекогаш во однос на одредени понудени функции во администрацијата на бугарската власт тие доаѓале и во меѓусебен конфликт, при што Кирил Дрангов имал нај цврст став во однос на дистанцирање од истите.

Архивските доверливи документи на полицијата покажуваат за огромната не само недоверба, туку и опасност за бугарските државни интереси во делот на Македонија под Бугарска власт, како на пример еден полициски документ од 19 октомври 1941 година во кој стои:

Моето убедување е — се надевам дека сум гледал лошо и информирам лошо — дека во Македонија во одредени кругови, на чело на кои што застанале инж. Димитар Чкатров, Ѓузелов, поскриено Дрангов, син на познатиот херој полковник Дрангов, адвокат во Скопје, братот на Иван Михајлов, и други, се култивира идејата за оформување на Македонија во посебна суверена држава под водство на Иван Михајлов…

Се разбира, влијание на бугарската политика и пропаганда имало кај речиси сите поранешни дејци, поради нивното образование, место на живеење и воспитување, но и покрај тоа за голем дел од нив постојат непобитни докази дека делувале во спротивен правец од интересите на Бугарија во Македонија.

Честопати нивниот инстинкт всаден од минатото во долгогодишната борба против Србија и против комунистите, создавал привидна слика дека тие се поддржувачи на Бугарија во однос на плановите на Бугарија за Македонија, но документите покажуваат спротивни правци на делување.

ВМРО како антикомунистичка организација имала огромен анимозитет кон комунизмот како идеологија, така што нивните ставови кон партизанското движење имале и идеолошка природа како став на дејци со десничарска провиниенција кои до пред само десетина години воделе вооружени напади против Србија и нејзиното владеење во Македонија, но и против движењето на комунистите. Во таква ситуација, целите на НОБ во Македонија за ослободување на Македонија и создавање на федерална Македонска држава во рамки на југословенска федерација во која предводник и главна политичка сила би биле комунистите, биле сосема туѓи начела за Дрангов кој бил еден од главните идеолози на расформираното ВМРО, но и за најголем дел од дејците на расформираната ВМРО, па оттука и нивната спротивставеност со движењето на партизаните во НОБ.

И кон крајот на 1941 година бугарската полиција во Скопје констатирала дека припадниците на расформираната ВМРО, сериозно се подготвувале за прогласување на една автономна Македонија. Според податоците на бугарската полиција за целата таа активност, засилена била активноста на ВМРО за автономија на Македонија под протекторат на Италија. Идејата ја подготвувал Владимир Куртев на собранијата што ги одржувал низ целата територија на Македонија, а со знаење и поддршка на Ванчо Михајлов, кој се наоѓал во Загреб, Хрватска. Во тие цели, В. Куртев настојувал по секоја цена да се постигне единство меѓу К. Дрангов од една страна и двоецот Чкатров-Ѓузелов, од друга. Тоа според полицискиот податок била и желба на И. Михајлов, па за таа цел од Загреб во Скопје пристигнал и Борис Бунев, како посебен пратеник на Михајлов, со инструкции од него како да се постигне единството меѓу спротивставените групации на ВМРО.

Јордан Чкатров му испратил и писмо на својот брат Димитар Чкатров, во кое го советувал да ги изглади односите со К. Дрангов според инструкциите за помирување. Групата која гравитирала околу двоецот Чкатров-Ѓузелов, решила да започне општа борба “заедно со ВМРО против бугарската власт“.

Во текот на целата 1941 година, бугарската служба за државна безбедност постојано ги следела движењата и активноста на К. Дрангов, при што полициските извештаи биле исполнети со податоци за средби, разговори, идеи и јавни настапи на овој револуционер. Заеднички именител на сите извештаи бил стравот на бугарската власт од ставовите на Дрангов и соборците за создавање на автономна или независна Македонија. Во врска со таквите ставови, претседателот на Бугарската влада Богдан Филов ја обвинил ВМРО за “сепаратизам“ (Национално-ослободително движење на македонските и тракиските Бугари 1878–1944, Софија 2003, 375).

На крајот на април 1942 година Кирил Дрангов со семејството отпатувал во Загреб и останал 20 дена. Според натамошното однесување на Кирил Дрангов јасно е дека во разговорите меѓу него и В. Михајлов имало многу големи разлики и разидувања. По неговото враќање во Скопје, нивните односи се целосно заладени. Дрангов започнал да ги критикува однесувањето и ставовите на В. Михајлов кои се однесувале на Македонија и Македонското прашање.

Во текот на 1942 сѐ поактуелно станувало прашањето на Евреите во Македонија, дел од раководството на поранешната ВМРО се истакнало по спасувањето на еден дел од нив. Кирил Дрангов, Димитар Чкатров и Димитар Ѓузелов учествувале во спасувањето на унгарскиот Евреин Илеш Шпиц (1902 Будимпешта — 1961 Скопје), кој бил тренер на фудбалскиот клуб “Македонија” од Скопје. При апсењето на Шпиц од бугарската полиција и обидот да го спроведат во логорот Треблинка, Чкатров (менаџер на клубот) и Ѓузелов, по претходни лобирања го симнале фудбалскиот тренер од возот и го вратиле во Скопје.

Иако, постојано бил под набљудување на бугарската полиција, поради тоа што бугарската власт немала доверба во него — сепак во моментите кога доаѓале високи претставници на официјална Софија во Скопје, Дрангов бил повикуван и поканет на сите манифестации во градот, како културни така и политички. Ова, најмногу и поради неговиот покоен татко, Борис Дрангов, кој имал голем авторитет и кај Македонците и во бугарското општество.

Димитар Раев

Од овие причини, а особено поради популарноста на неговиот татко Борис, бугарската власт и во летото 1943 година се обидела да го искористи името на Кирил Дрангов во градот Скопје, барајќи од него да влезе во новоформираната партија под името “Општествена сила” и подоцна во сведочењето на нејзиниот претседател Димитар Раев пред органите на југословенската ОЗНА по ослободувањето, тој вели:

Чкатров и Дрангов откажаа да формираат собранија

К. Дрангов под различни изговори, одбивал да се вклучува во организации, здруженија или партии кои имале бугарски државно-политички и национален карактер.

Во текот на 1944 година се правеле обиди за политичко ангажирање на Кирил Дрангов, па од нудењето да ја преземе партијата “Општествена сила” по оставката на Раев, му биле понудени и атрактивни министерски места во Бугарската влада, како напор за активирање на македонски дејци во бугарскиот општествено-политички живот, во услови кога стариот револуционерен кадар и интелектуалците со македонско потекло со недоверба гледале кон какви било решенија по Македонското прашање од бугарска страна. Човек како К. Дрангов на позиција министер можело во поголем степен да ги мобилизира Македонците да земат поголемо учество во бугарските државни институции. Најпрвин му било понудено да одбере меѓу министер за правосудство и министер за просвета во Бугарската влада, но Дрангов ги одбил со образложение дека смета дека нема доволно искуство за првото, а за второто дека со таа проблематика никогаш не се занимавал. Информациите говорат дека и на Чкатров му се нудела министерска позиција. Врз основа на ова и професорот Д-р Никола Жежов, во неговата монографија за Кирил Дрангов заклучува дека статусот на Македонија и решавањето на Македонското прашање, на начин што го замислувал било далеку поважно за Кирил Дрангов, отколку прифаќањето на предлогот да биде министер во Бугарската влада.

Во мај 1944 година биле посетени селата Љубанци и Црешево при што на собирот биле присутни и германските претставници Диригел и Штајнфел, а од припадниците на ВМРО дошле Кирил Дрангов, Благој Панчев и Димитар Ачков. Ова е ретка ситуација каде К. Дрангов застанал да агитира за идејата за независна Македонија со германски воени или политички претставници, но тоа е во време кога германската власт соочена со проблемите на теренот -ширум Европа креира планови за создавање македонска држава со цел да ги искористи сите поранешни припадници на ВМРО, меѓу кои и К. Дрангов.

Сепак веќе на августовскиот состанок истата 1944 година со дел од раководството на поранешната ВМРО, како и дејци и војводи на Организацијата, а на тема прогласување Независна Македонска Држава, а подоцна и на средба со обласниот директор на бугарската полиција која знаела дека за неколку дена Бугарија ќе се повлече, Дрангов и дел од другите, следејќи ја состојбата на теренот во Европа и напредокот на сојузничките сили, отцениле дека веќе не е рационална идејата за прогласување на Независна Македонска Држава. Сосема логично било во ситуација кога и Германците и Бугарите не можат да го издржат налетот на партизаните и сојузничките војски насекаде, да се прогласува нешто што нема таква воена сила да опстане а само ќе донесе нови крвопролевања. Всушност предлозите на бугарскиот претставник се веќе во време кога Бугарија и тој лично знае дека ќе капитулира за неколку дена. Дрангов не ја подржал ниту идејата за доаѓање на Ванчо Михајлов за таа цел, кого Германците сепак го донеле на кратко во Скопје на 3.Септември 1944 година и кој исто така констатирал дека е предоцна за таа идеја. Интересно е што кога веројатно бугарскиот претставник Петар Думев увидел дека не му поминува идејата, изјавил:

Ние не сме никаков форум да прогласуваме автономна Македонија. Тоа право го има нејзиниот водач-Ванчо Михајлов!

На ваквата изјава реагирал Јордан Чкатров кој пред присутните истакнал:

Ванчо Михајлов не може да ја преставува Македонија!,

на што добил и отворена подршка и од Кирил Дрангов (Јован Павловски, Судењата како последен пораз…цит.118/119).

Генерал Валтер Шеленберг

За волја на вистината, Германија подолго пред тоа, една година порано, уште кога е посилна, во 1943 година и претходно според мемоарите (поглавје 35) на генералот Валтер Шеленберг (1910–1952), шефот на надворешното германско разузнавање, размислувала за ваков чекор за создавање независна македонска држава, но не го преземала, бидејќи немало позитивен одговор од самиот врв. Германскиот канцелар се согласил да го разгледа тоа дури во 1943 година, а позитивниот одговор дошол дури летото 1944 година.

Од истражувањата на Д-р Митко Јованов во германските архиви, а во целите на неговиот докторат на тема: “Македонското прашање и ВМРО во германската надворешна политика на Балканот од 1933 до 1944 година” , откриени и веќе објавени во македонските медиуми се неколку германски коресподенции на оваа тема. Според овој труд на Митко Јованов во извештај од 28 септември 1943 година на германската команда за Југоисток со седиште во Белград кој тематски се однесува за состојбата во Македонија, се посветува внимание за отпорот на Македонците кон Бугарите. Командантот за Југоисток ги известува своите претпоставени во Берлин за се поголемата одбивност на Македонците спрема Бугарите и зголемувањето на отпорот на македонското население кон нив. Во извештајот пишува:

Одбивноста на Македонците спрема Бугарите е поради многу причини. Една од нив е и бугарското однесување кон Македонците. Во редот од многу причини е и таа што најдобрите и најдоходовни позиции во државната администрација во вардарска Македонија се заземени од Бугарите, додека Македонците се ставаат во подредена положба. Со ваквата ситуација Македонците не можат да се помират. Македонците ваквото однесување од страна на Бугарите го доживуваат како понижување и навреда. Тие не можат никако да се помират и прифатат дека се ослободени од Бугарите, како што бугарските власти постојано и во секоја можна прилика го повторуваат. Може слободно да се каже дека Бугарите кои се дојдени на служба во вардарска Македонија, поради нивното однесување, македонското население ги смета за скржави, недостапни, недруштвени и најчесто им се одбивни,

пишува Јованов.

Според него,

Токму поради ваквите особини и однесување, Македонците многу тешко ги прифаќаат Бугарите.

Од друга страна пак Бугарите ги напаѓаат Македонците дека се наклонети кон Србите и дека за време на владеењето на Србија, преземале многу српски особини како што се мрзеливост, пијанчење, превртливост, негрижа итн. А Бугарите пак си ја поставиле задачата да ги искоренат овие навики кај Македонците, а со цел да ги направат примерни луѓе. Но, Бугарите се во заблуда, бидејќи Македонците не ја прифаќаат вистината која Бугарија им ја прикажува, затоа бугарската полиција презема се понасилни мерки спрема населението. Бугарите вршат терор врз Македонците и заради тоа што го употребуваат српскиот јазик, кој пак во изминатите 25 години се употребувал и бил официјален јазик во вардарска Македонија. Поради изговарање на српски зборови, Бугарите ги малтретираат Македонците. Бугарските учители испратени на служба во Македонија преку училиштата вршат груба индоктринација на учениците со цел од нив да направат националисти и шовинисти. Крајната цел е да постигнат Македонците да ги мразат Србите. Ваквата практика доведува дури и до внатрешни судири во семејствата, до заострени односи меѓу родителите и децата. Поради се поголемиот отпор кај населението, Бугарите почнаа да шират разни стереотипи и да ги третираат Македонците како неспособни луѓе, кои биле заведени од Србите. На тој начин Бугарите настојуваат да предизвикаат кај Македонците чувство дека се луѓе со пониска вредност а со надеж дека ќе можат полесно да ги потчинат .

Во извештајот се вели дека Бугарите се однесуваат кон Македонците со истите методи како и Србите претходно.

Токму затоа реакцијата на Македонците кон Бугарите е истоветна како спрема Србите до 1941 година. Македонците до 1941 година се стремеле да се ослободат од Србите, а сега пак се борат да се ослободат од Бугарите,

пишува Јованов во своите истражувања во својата докторска дисертација.

Понатаму во извештајот се наведуваат последиците кои почнуваат да се случуваат како резултат на однесувањето на Бугарите.

Поради лошиот однос на Бугарите кон Македонците и секојдневните малтретирања, се повеќе луѓе почнуваат да развиваат и симпатии спрема Србите. Се почесто се употребува српскиот јазик и од страна на луѓе кои според своето минато поведение, најмалку може да бидат означени како просрпски настроени.

Големите градови како Прилеп, Велес, Штип и други за кои Бугарија сметала дека има најголемо влијание, токму во овие места луѓето почнаа да им даваат најсилен отпор. За еден верски празник во манастир во близина на гратчето Крива Паланка, се собраа млади луѓе кои во дворот на црквата почнаа да пеат српски песни во знак на револт спрема Бугарите. На ваквото однесување бугарската полиција почна насилна акција и притвори дел од луѓето.

Уште во првата година откако Бугарите навлегоа во вардарска Македонија, мнозинството Македонци ги доживува како странска сила која им е наметната. Таквиот однос на Македонците кон Бугарите го манифестираат преку изразување незадоволство и пружање отпор, а со цел протерување на Бугарите и стремеж за постигнување на независност преку формирање на своја македонска назависна држава. Во отпорот на Македонците спрема Бугарите се повеќе влијание има и комунистичката идеологија, стои во овие документи.

Во неговата докторска дисертација Јованов додава дека идејата за постигнување независност станува се пораширена и со големо влијание меѓу македонското население чие остварување го гледаат преку стекнување целосна автономија во рамките на една јужнословенска држава.

Кај населението преовладува веќе желбата да се постигне независност како од Бугарите така и од Србите. Тие посакуваат да решаваат самите за својата судбина. Движењето кое ја застапува и шири ваквата идеологија во прв ред го сочинуваат интелектуалците, а поддршка имаат најмалку 80% од селанството кои им се приврзаници. Движењето станува од ден во ден се помасовно. Во секој град има веќе организациони единици кои дејствуваат во реализација на главната цел-основање независна македонска држава. Овој бран не може да биде сопрен веќе, без оглед колку Бугарија ќе употреби репресија. Идејата за македонска држава ќе биде постојан фактор за немири на Балканот ако таа не се реализира. Третиот рајх може да ја овозможи реализацијата на оваа цел на Македонците ако Бугарија го напушти сојузот со нас како што се наговестува. Во спротивно ќе треба Германија да преземе и присилни мерки наспрема Бугарија за да се реализира желбата на населението за своја македонска држава.

Во анализата се нагласува дека на стремежот на Македонците да имаат своја држава со големо значење му пристапувала и Италија се до нејзината капитулација. И дека голем дел од Македонците се надеваат дека нивната желба за своја држава, ќе биде одобрена и од англо-американците ако тие решаваат на крајот од војната.

На крајот врховниот командант за Југоисток заклучува:

Мнозинството од населението пружа отпор кон Бугарите и тој станува сѐ помасовен. Бугарија треба веќе да е свесна дека таа е нерпифатлива за македонското население и дека ќе мора да ја прифати реалноста, бидејќи се увери дека Македонците одбиваат да бидат Бугари .

За констатациите на Германските воени и други службеници кои биле на служба во Македонија, дека населението во Македонија не е со бугарска свест, се зборува и во извештајот на германската команда на Вермахтот за Бугарија испратен до германското аташе во Софија. Извештајот се однесува на политичката состојба на границата меѓу Македонија и Албанија. Во него се зборува за обидите на Бугарија да го прикаже македонското население за бугарско и за таа цел ги користи и непријателски односи меѓу Македонците и Албанците кои постојат во голема мера во овие области, имено Бугарија се обидува да се наметне како заштитник на Македонците, сметајќи ги за Бугари.

Во извештајот се наведува:

Покрај тврдењата на Бугарија дека станува збор за бугарско население во овие краишта од Македонија, сепак реалноста е сосема поинаква. Само еден мал дел од населението е пробугарски ориентирано. Исто така мал дел се просрпски настроени. Но најголем дел од Македонците се залагаат за своја независна македонска држава. Од тие кои се залагаат за самостојна држава, најголем дел се задоени со комунистичка идеологија. Токму комунистите се водечки елемент во движењето за создавање македонска држава.

Во извештајот се констатира дека денешната ситуација е драстично изменета споредено со таа од 1918 година од кога вардарска Македонија ја запоседнува Србија. Одреденото влијание кое го имала Бугарија до пред 1918 година, сега е во голема мера изгубено.

Бугарија не ги разбира приликите кои владеат денеска во Македонија. Таа не може да разбере која е причината што мнозинството Македонци стануваат про-кумунистички ориентирани. Причината за поддршката на Македонците на Комунистичката парија, е уште од времето пред војната. Во годините под српска власт, Македонците се свртуваат кон Комунистите, затоа што граѓанските партии биле со големосрпска идеологија и главно биле шовинистички насочени кон Македонците. За разлика од тие партии, Комунистичката партија им ја признавала нивната желба за формирање своја држава”,

се вели во архивите пренесени во трудот на Митко Јованов.

По неуспехот на идејата за Независна Македонска Држава, есента 1944 година, К. Дрангов, разочаран од постапките на В. Михајлов, но уште повеќе заради договор со поранешните членови на ВМРО на состанокот во Скопје, дел од македонските дејци на ВМРО, меѓу нив В. Куртев, Ж. Настев и К. Дрангов да отпатуваат во Бугарија и да работат на повторно возобновување на ВМРО. Тоа најверојатно се случувало по 8.Септември 1944 година. Оваа постапка на Дрангов претставува голема грешка од гледна точка на опасноста по неговиот живот, меѓутоа Кирил Дрангов во тие моменти не го напуштала идејата за создавање на независна македонска држава.

По враќањето во Бугарија, Кирил Дрангов живеел во илегала, под постојана опасност од апсење од бугарската власт, па неговиот живот бил во опасност како никогаш за време на неговата револуционерна дејност но и во такви услови се обидувал да дејствува, да се поврзе со некои свои поранешни соборци-дури и со непријателите од поранешната протогеровистичка ВМРО.

Георги Димитров

Бугарската комунистичка власт ги прогонувала сите поранешни членови на ВМРО, пред се поради нивната антикомунистичка ориентација и обвинувањата за соработка на бугарската фашистичка власт во Втората светска војна. Одредени сигнали до Дрангов и неговите соборци дека ќе можат некако да се спасат биле сигналите од тогашната бугарска комунистичка власт за некакво вид на помирување, при што имало и преговори за тоа, водени од Петар Шандаров, но не бил постигнат никаков договор. Откако во јуни бугарската власт веќе му влегла во трагата на Дрангов а наредбата за негова ликвидација дошла директно од самото бугарско државно раководство, усна наредба на Антон Југов, министер во бугарската влада, по укажување на Георги Димитров дека треба

да се ликвидираат бесшумно и без суд македонските терористи,

веќе во ноќта на 7. наспроти 8. Јули 1946 година, луѓето на поранешниот протогеровист, охриѓанецот Лев Главинчев, кој во тоа време работел како агент на бугарската служба за државна безбедност (дел од протогеровистите по 1944 година добиле добри позиции од новата комунистичка власт во Бугарија), ненадејно извршиле претрес во куќата на Дрангови во Софија, која веќе била опколена со милиционери и во престрелка со Дрангов во која тој убил 6 милиционери завршува неговиот живот.

Во документ на бугарската државна безбедност од 6. Декември 1962 година стоела верзијата дека

при престерлката со нашите органи-е убиен,

иако има сведочења од семејството и од еден од присутните полицајци, дека со последниот куршум се самоубил за да не падне жив во рацете на бугарската власт. Во приближно исто време уапсени се и В. Куртев и Ж. Настев, како и други раководни личности на ВМРО и биле обвинети за антидржавна дејност.

Во монографијата за Кирил Дрангов на Проф. Д-р Никола Жежов, педантно се наведени голем број настани на кои овие лица биле следени и оценувани како опасност за бугарската власт во Македонија за време на Втората светска војна, а очигледно и подоцна за време на комунистичката власт. Истите се документирани или со архивски документи од бугарскиот архив на тајната полиција од тоа време, или со архивски документи од искази од судењата на бројни припадници на расформираното ВМРО по доаѓањето на новата комунистичка власт, која во голема мера заради идеолошката спротивставеност непријателски и сурово се пресметувала со поранешните припадници на расформираното ВМРО, сметајќи ги сите за поддржувачи на бугарската власт за време на окупацијата.

Има ли логика бугарската полиција да следи свои луѓе во кои има доверба или блиска соработка и на кои гледа како сигурни поддржувачи на идеите на Бугарската власт во Македонија во тој период за време на втората светска војна? Секако дека нема. Неодамна видов некои снимени изјави на потомците на К. Дрангов кои во времето на неговата смрт се сеуште деца и кои се на иста линија со денешната бугарска политика, што секако е нивно право. И од нив и од многу македонски и бугарски историчари може да се чуе или прочита сосема поинаква верзија за неговата улога, цели, идеали и стремежи, како и за односот на Бугарија и Македонија кон него, но пишаните архивските документи од различни архиви, покажуваат нешто друго, и тука веќе станува збор за научно и со документација поткрепени анализи и ставови.

Всушност ,во различни периоди, две различни идеолошки спротивставени табори на Македонци се борат за независна и слободна Македонија, во различно време со различни средства, методи и моќ. Втората светска војна е време кога комунистичката партија го презема приматот во таа борба, особено затоа што седум години претходно Бугарската држава сурово го растурила ВМРО, па така теренот е празен во тој поглед, Меѓутоа, проблемот е што ВМРО и комунистите имале голема нетрпеливост и идеолошки биле на две различни страни, така што немало можност за нивно обединување во Втората светска војна. Оттука, привидно членовите на расформираното ВМРО останале на бугарската страна, што архивските документите покажуваат дека всушност со значаен дел од припадниците на ВМРО тоа не било така.

Методија Андонов — Ченто

Кон самиот крај на војната, според одредени сведочења, се случила средба помеѓу прилепчаните Методија Андонов-Ченто и Јордан Чкатров, на која Ченто како атипичен комунист на некој начин понудил да посредува му понудил на неговиот со граѓанин и веројатно пријател од младоста тој и неговата група да преминат кај партизаните, што не било прифатено заради огромниот пред се идеолошки анимозитет на двете страни. Подоцна и самиот Ченто настрадал од неговите комунисти.

По победата на партизанските единици, новата комунистичката власт ја искористила приликата и дотогашното идеолошко непријателство го преточила во брзи обвиненија и фиктивни судења со однапред познат исход, како и стрелања на припадниците на ВМРО (дел од нив се убиени без судења), не затоа што сите тие биле поддржувачи на бугарската окупаторска власт, за што всушност и ги гонеле, туку пред се затоа што биле долгогодишни, децениски сериозно идеолошки спротивставени страни, до крајна мерка антагонизирани и со меѓусебни непријателски чувства меѓу оние со левичарска и оние со десничарска идеолошка припадност. Со други зборови, едни Македонци кои сакале слобода и независност на Македонија, против други Македонци кои исто така сакале слобода и независност на Македонија, но двете силно идеолошки спротивставени и антагонизирани до најрадикални граници. Слична судбина ги снашла и многу од членовите на расформираното ВМРО , кои по повлекувањето на бугарската власт се повлекле во Бугарија, каде тамошната нова бугарска комунистичка власт сурово се пресметала со нив.

Според ова, во Втората светска војна во Македонија се води антифашистичка народно-ослободителна борба, која има за цел и создавање на Македонска држава во рамките на југословенската федерација а предводена од комунистичката партија. Но по победата, се води жестоко и немилосрдно пресметување на комунистите кон припадниците на расформираното ВМРО под превезот “соработници на окупаторот”, и тоа и против оние, помалкуте, кои навистина биле соработници на окупаторот, но и против она мнозинство кое останало дистанцирано од бугарската окупациска власт, кое имало исти или слични идеи за независна македонска држава.

Тие луѓе, таквите позиции за слободна и независна држава Македонија ги плаќало со прилично некомотен живот, проследен со секојдневни полициски следења за време на окупацијата, но заради децениската идеолошка антагонизација и непријателство, не се приклучиле во народно ослободителната борба туку создавањето на независна Македонска држава се обидувале да го направат преку други форми на дејствувања, агитации и политички-општествени дејствувања. Заради нивната идеолошка спротивставеност со комунистите, голем дел од членовите на расформираното ВМРО привидно се нашле на погрешната страна во оваа етапа на историјата на Македонија, иако најголем дел вистински не биле таму каде постоела или некој наметнал перцепција за нив, што подоцна, голем дел од нив ги чинело губење на слободата, апсења, затвори, нечовечки и сурови измачувања, фиктивни судења со однапред познат исход, уништувања на нивните семејства и животи и во голем број случаи губење на нивните животи.