Никола ГРУЕВСКИ
На денешен ден 10 септември во 1953 година на 99 годишна возраст во Благоевград (ст.и.Горна Џумаја) починал Андон Лазов Јанев – Ќосето, македонски војвода, родум од Велешко и еден од најистакнатите извршители на смртни пресуди на раководството на ВМРО, особено до нејзината прва фаза до илинденското востание.
Дејствувал по наредба на Гоце Делчев, Дамјан Груев, др.Христо Татарчев, Јане Сандански, Ѓорче Петров и уште неколку од водачите на македонската револуционерна организација (ВМРО), а соработувал и со Пере Тошев, Борис Сарафов, Христо Чернопеев, Христо Матов, Васил Чакаларов, Петар Ацев и повеќе други. Убивал османлиски бегови, војници и полицајци кои го малтретирале населението, гркомани, србомани, предавници и шпиони. Учествувал и во киднапирањето, чувањето и предавањето после откупот на американската мисионерка Мис Стоун со цел да изнудат пари за набавка на оружје за борбата за слобода на Македонија.
Ќосето не бил идеолог, не бил образован или некој кој ги носел крупните одлуки на Организацијата, но се истакнал по исклучителна храброст и подготвеност на огромен личен ризик по неговиот живот и тоа во раните години на Органзиацијата, кога немале многу такви луѓе.
Тој бил најлојалниот и од најголема доверба извршител на одлуките за ликвидација во првите десетина години од формирањето на Организацијата, до таа мера што го ликвидирал и сопствениот брат одкако се утврдило дека станал соработник на османлиската власт и тоа токму во потрагата по Ќосето, и тој самиот предложил да се донесе таа одлука и тој да ја изврши.
Со својата чета крстосувал низ стотици села низ Македонија во нејзините етничко геогравски територии и војувал, решавал проблеми во Организацијата и помагал на селаните.
По Рилскиот Конгрес во 1905 година, каде учествувал, се чуствувал неразбран, а и каде неможел да разбере некои случувања, разочаран се повлекол и се пасивизирал од револуционерна дејност и продолжил да живее легален живот во Горна Џумаја во Бугарија, во Пиринска Македонија, каде што се чуствувал најбезбеден. По убиството на Сарафов и Гарванов во ноември 1907 година, со обзир на тоа дека бил близок со серскиот револуционерен округ, во фазата на истрага бил уапсен заради сомнеж за негова вклученост, но набрзо одкако се утврдило дека не е вмешан во тоа бил ослободен.
Од неговите Спомени, како и спомените на многу наши дејци, може да се забележи дека како и речиси сите во тоа време како дел од врмето и поредокот на “Милети” во Османлиската империја Ќосето го користел зборот “Бугари” за македонското население кое било под духовно покровителство на Бугарската егзархија, исто како што за населението кое што било под духовно покровителство на Цариградската патријаршија се користел терминот Грци, или гркомани кои биле пред се синоними на верската припадност на населението во Македонија под османлиска власт а не етнички називи.
Сето тоа под влијание на силната пропаганда на т.н “Милет систем” со мотото “една црква, еден народ”.
Таквиот тренд кај многумина се задржал и по падот на Османлиската империја уште 2-3 децении скоро до почетокот на втората светска војна и пред се кај оние генерации кои биле израснати, школувани и образовани за време на владеењето на османлиската империја и поделбата на “Милет системот” во Македонија, додека веќе новите генерации кои не биле школувани под “Милет системот” го напуштаат тој назив.
На 9 јуни 1948 година, Андон Ќосето испратил поздравна телеграма до Лазар Колишевски, во тоа време Претседател на Народна Република Македонија како реакција на неговиот говор одржан на вториот Конгрес на Народниот фронт на Македонија (23-24 мај 1948 година) во кој Колишевски кажал дека Договорот од Блед е од големо значење за Македонскиот народ и во Народна Република Македонија и во Пиринска Македонија. Колишевски ги истакнал придобивките за Македонскиот народ од културната автономија и постигнатите успеси во тој поглед во тоа време каде меѓудругото рекол: „Сите овие успеси што се постигнати во Пиринска Македонија во градењето и развојот на националната култура, како и во проучувањето на литературниот Македонски јазик, зборуваат сами за себе колку е голема, големата жед на нашиот народ во Пиринска Македонија да го совлада своето книжевно творештво во најкус можен рок.
На овој говор реагирал Ќосето кој е веќе 94 години стар и во телеграмата до Колишевски вели:
„Јас како воен другар на Гоце Делчев и Јане Сандански го поздравувам Вашиот историски говор на Вториот Конгрес на Народниот Фронт во којшто ние гледаме надеж дека наскоро ќе се исполнат идеалите на нашиот македонски народ, да живее – еднаш засекогаш, под еден покрив. Андон Ќосето“
До поставувањето на неговиот споменик во 2014 година беше малку познат за пошироката јавност во Македонија. Неговото поставување заедно со објаснувањето кој бил тој, наиде на многу одобрувања но и на некои негативни реакции особено од страна на тогаш опозициската СДСМ од типот дека немал големо значење или висока позиција во Организацијата, дека бил убиец, крволочник и слично.
Како резултат на така создадената кампања и атмосфера, поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов предложен од СДСМ без ни малку да ја проучи историјата се дрзна да го одстрани споменикот на Андон Ќосето обидувајки се да ги импресионира неговите неупатени подржувачи, а актуелната градоначалничка Данела Арсовска очигледно сеуште нема храброст да го врати, слично како што сеуште нема одлука за поништување на одлуката за промена на имињата на улиците и катните гаражи со кои претходната власт избриша имиња на многу наши револуционери.
1.ВМРО била македонска револуционерна организација која при своето формирање зацртала дека преку вооружена борба ќе се бори да ја ослободи Македонија.
Значи, не станува збор за друштво на писатели национал романтичари кои држат беседи во кафеана за тоа што се можат да сторат за Македонија, ниту пак за политичари кои легално во демократска земја се борат за победа на избори.
Станува збор за Организација која со воени, четнички и терористички методи, поткрепени со идеолошко политичка основа, под огромен личен ризик за припадниците, водачите, идолозите и борците, зацртале за тоа време екстремно храбар план вооружено и воено да се борат за автономна и независна Макеоднија, бидејќи утврдиле, (сосема со право), дека не постојат услови на друг начин да се дојде до таа цел.
Секако во една таква организација секогаш најважни се водачите, идеолозите, оние кои ја осмислуваат стратегијата, тактиката, политиката, кои вршат аргументирана и убедлива агитација за охрабрување, освестување и мотивирање на народот за востание со добро осмислени говори и кои ги носат клучните одлуки и акти на Организацијара.
Дел од нив биле само идеолози кои ретко влегувале во оружени пресметки, а дел биле идеолози но особено пред, за време на илинденското востание и потоа, биле и борци, војводи, предводници на чети и слично.
Клучните вакви ликови очигледно е дека се застапени во изборот на спомен обележја во проектот Скопје 2014 година, музеите, восочните фигури, уметнички слики итн.
2.Но, кој ќе бил и која сила и авторитет ќе ја имале Гоце Делчев, Дамјан Груев, др.Христо Татарчев и другите идеолози и водачи ако го немале Андон Јанев-Ќосето (и други слични на него) да превземе личен ризик и да ги спроведува нивните одлуки за револуционерно дејствување и со тоа пред населението да демонстрираат сила и заштита? Особено во првите десетина години пред Илинденското востание, кога не се толку омасовени со охрабрени и освестени следбеници.
Дали тие само со зборови а без акција ќе можеле да го мотивираат населението да им влеат храброст, мотив и пред се доверба дека имаат сериозни намери, способност и сила за она што го планираат. Како подоцна ќе добиеле толку многу следбеници ако претходно меѓудругото не покажале сила и ефикасност на дело и не се справувале со предавниците и шпионите и не демонстрирале сила во правец на заштита на населението од оние кои најмногу ги малтретирале и мачеле?
Како ќе убеделе било кој дека навистина се револуционерна организација ако немало кој да ги спроведува актите на револуционерното делување и ако немало кој да ликвидира некој кој со години се изживувал, пљачкал, силувал, мачел, затворал или убивал сиромашно и поробено население?
А несомнено е дека во првите десетина години најмногу се потпирале на решителноста и храброста токму на Андон Лазов Јанев – Ќосето. Без него и без неговите акции, и се разбира без слични активности на други такви храбри припадници на Организацијата, никој немало да поверува дека тоа е сериозна група за кревање револуција со востание и да помисли и тој да им се придружи или на било каков начин да ги подржи.
Без конкретни чекори на дело, водачите немало да бидат водачи и ќе се сведеле на група на национал романтичари кои носат некакви одлуки, устави, документи, наводни пресуди, си се назначуваат меѓу себе за членови на едно или друго тело, секретари и слично и потоа си одат на спиење без ништо од тоа да се реализира и без никаков ефект од нивните активности.
Првите десетина години, особено првите 7-8 години е период кога сеуште немале многу приврзаници и фанатици од таков ков каков што бил Ќосето, спремни секојдневно да го ризикуваат животот за делото и каузата, така што неговата улога во тој период е мошне значајна.
Групата интелектуалци, учители, лекари, книжари итн нема да можела да ги реализира своите одлуки од револуционерен карактер, доколку не биле во тие почетни години малкумината кои превземале висок ризик меѓу кои Ќосето бил најактивен, храбар и ефикасен и од најголема доверба на клучните луѓе на Организацијата.
Бил многу близок со Гоце Делчев и во своите Спомени кои во 1930 година ги раскажувал на Бојан Мирчев три дена само со пауза за ручек, кој го запишувал кажаното, се расплакал кога во еден момент раскажувал за Гоце Делчев и има и една посебна беседа за ликот и делото на Гоце Делчев која започнува со зборовите: “Делчев со еден-два збора расположуваше. Кој го знаеше, и кој не го знаеше, го почитуваше. Сите чети кои ги имаше тогаш, легални, илегални, сите му беа нему потчинети. Кај него никогаш немаше груба забелешка, да каже груб збор или, пак, да е намуртен. Секогаш беше весел. Тој расположуваше. Беше многу доверлив…”
Заради овие околности на животот и дејноста на Андон Ќосето, поставувањето барем на еден споменик на личност од ваков калибар е оправдан чекор.
3.Обвинувањата дека Ќосето бил крволочни убиец и дека заради тоа не требало да му се постави споменик се несоодветни.
Прво, тој не убивал ниту за пари, ниту заради некои приватни цели и мотиви.
Ќосето извршувал наредби за ликвидации на револуционерна организација чии ден на основање веќе 15 години е државен празник во Македонија, именуван во една поширока смисла како ден на македонската револуционерна борба, бидејќи таа Организација има одиграно голема улога во борбата за слобода на македонскиот народ и подоцнежното создавање држава.
Второ, ако Ќосето пежоративно и деградирачки се нарече “убиец”, тогаш што биле иконите на македонското револуционерно движење и на македонската современа историја како Гоце Делчев, Дамјан Груев, Јане Сандански, Татарчев кои ги носеле одлуките за тие “убиства” и ги нарачувале ликвидациите кај Ќосето?
Нив ги нарекуваме “Нарачатели на убиства” или “водачи и идеолози на револуционерна организација која се бори за слобода и автономија?
И трето, ако Ќосето бил убиец, што биле партизаните кои исто така убивале Германци, Бугари, Италијани и Македонци предавници и шпиони? Исто така ќе ги наречеме “убијци” или членови на “герилска револуционерна организација за ослободување на Македонија од фашистичката окупација”?
Непромислени се тие обвинувања на оние кои го оспоруваа поставувањето на споменикот на Ќосето и квалификациите за овој лик!
4.Поставувањето на споменикот на Ќосето токму пред судот е исто така соодветно. Организацијата која се борела за ослободување на Македонија имала свој суд и носеле одлуки. Не секогаш биле одлуки за ликвидации.
Секако во тоа време и во тие услови тој суд бил импровизиран, некогаш во планина, некогаш во некоја куќа или слично.
Но, бил многу поправичен од денешниот и далеку поефикасен од актуелното партиски контролирано правосудство, со чест на оние судии кои чесно си ја вршат работата.
Во голем број случаи тие пресуди на организацијата ги извршувал токму Ќосето кој подоцна станал и војвода на чета па и учествувал во судењата (види подолу слика на судење во кое учествува и Ќосето).
И оттука и има силна логика неговата симболика на поврзување со судот, односно поставувањето пред судот, бидејќи Андон Лазов Јанев Ќосето спроведувал правда во име на судот на Организацијата која била заштитник на македонскиот народ и организатор на негово ослободување. Подоцна и учествувал во носење судски одлуки на ВМРО на теренот.
И тоа е еден вид порака и потсетник до сите оние кои планираат или прават предавства на државните и националните интереси на Македонија и македонското народ.
Можеби тука и лежеа мотивите кај одредени структури за одстранување на тој споменик. Секојдневното гледање на споменикот на Ќосето со пиштол и кама во раката, можеби е вознемирување за некого, но секако не за чесните граѓани на Македонија кои си ја сакаат државата и ниту направиле ниту сакаат да направат чекори кои ќе и наштетат.