Никола ГРУЕВСКИ
Нема воопшто никакво изненадување во одлуката на Врховниот суд да ја потврди пресудата за “Тенк”, кој е само дел од поширокиот и интензивен политички прогон на власта.
Зоран Заев преку свои посредници кои настапуваа и пренесуваа пораки во негово име, најчесто негов близок адвокат, континуирано вршеше притисок и влијание врз Врховниот суд, а истото го правеше и го прави и врз пониските судови, вклучувајќи го и Кривичниот суд за други предмети од корпусот на оние предмети создадени со политички мотиви и интервенции и кои се дел од политичките прогони во Македонија.
Пораките секогаш се од една личност, само “поштарите” некогаш се менуваат, а неретко “доставата” е и лична, понекогаш и јавна.
Ситуацијата дојде до тој степен на страв кај судиите, што во некои предмети судот се плаши дури да прифати и сослуша барем еден сведок предложен од одбраната, а ги прифаќаат сите предложени сведоци од Обвинителството. Ова од причина што ако прифатат и сослушаат сведок на одбраната може да се доведат во непријатност во однос на пресудата која се свесни дека неправично мораат да ја донесат но чуствуваат дека ако не ја донесат ќе имаат лични последици. Таков е, на пример, случајот во предметот за протестите во Центар, каде сите сведоци на Обвинителство се прифатени и сослушани, а ниту еден од оние кои јас ги предложив или пак подоцна адвокатот назначен по службена должност од страна на судот.
Не постои реформа или закон што ќе промени нешто во судството во Македонија се додека државата функционира по принцип на мафијашка држава каде власта контролирајќи го Обвинителството и судот своите најважни преставници ги ослободува од гонење (освен оние со кои самата ќе одлучи да ги елиминира од сосема други побуди), а истите институции преку фабрикувани случаи ги користи за гонење на политичките неистомисленици и каде пресудите на судот ги носи и испорачува еден човек или неговата најблиска структура.
ЕУ може колку сака да објавува извештаи за напредок или да поздравуваат ново донесени закони, но додека судиите функционираат под принуда и страв од извршната власт дека може да бидат казнети доколку се непослушни, односно додека извршната власт работи на мафијашки принцип, реален напредок нема да има.
Во моментот со најавеното т.н. “прочистување”, судот е под досега невиден притисок и страв и веројатно непостои судија кој воопшто размислува да се спротистави на власта која отворено од една страна најавува проверка на решените предмети на секој судија, која проверка ќе ја прави таа власт преку субјективна проценка на преставници избрани од неа, а од друга страна испраќа емисари да пренесат пораки до обвинителството и судот за тоа како како треба да одлучат за еден или друг предмет од оние кои им се важни и во фокусот на вниманието.
Покрај личната злоба, мотивите за овој политички прогон се водени од елиминирање на секој политички неистомисленик од кого власта која функционира на мафијашки принцип би можела да биде загрозена на еден или друг начин. Секако свесно ќе прават по некој исклучок за да имаат аргумент за дискусија, но принципот е тој. Доминантна е и потребата на власта за лажно претставување на наводна борба против криминалот пред јавноста и пред ЕУ додека во позадина криминалот непречено функционира без застој и во полн капацитет, а судско обвинителските органи не смеат да помислат да делуваат против главните актери на власта. Напротив ако веќе има од некого иницијатива, по кратка постапка ги прогласуваат за невини како што беше случајот “Поткуп” документиран со видео снимка креирана со судска наредба во кој Заев отворено и недвосмислено бараше мито од струмички стопанственик и раскажуваше од кого се друг во Струмица издејствувал поткуп. Уште подоминантна е секако потребата економската инфериорност на власта и превземените обврските за отстапување и распродажба на националните интереси, дел завршени а дел во план, да се одвиваат во атмосфера на страв од одмазда кај секој кој би се спротиставил и со свртено внимание кон политичкиот прогон и фабрикуваните судски случаи кои да небеше политичкиот притисок немаше ни да влезат во судска постапка.
Секако, истите еден ден ќе завршат со фијаско, независно дали пред домашните или меѓународните судови, но во меѓувреме власта со помош на контролираните доминантен број на медиуми ќе успева да го оттргнува вниманието од огромните злодела кои ги прави на народот и нацијата. И секако многу невини луѓе ќе страдаат во меѓувреме за што еден ден сигурен сум дека ќе има одговорност за сторителите.
Некаде со втерување страв, закани, уцени и заплашувања, некаде со поткуп но принципот е ист насекаде независно дали станува збор за работата на институциите на прогонот, медиумите, изборите или што и да е.