Полека излегува на површина не вистината и не логичноста во последната изјава на Јордан (Орце) Камчев дадена пред неколку дена судот, кога за 180 степени ја смени својата позиција во еден ден во предметот “Плацеви Водно”, откако во претходните денови имал три лични и без придружба на адвокати средби со обвинителката Лиле Стефанова.
Од информациите кои дојдоа до мене Јордан Камчев ја промени позицијата во овој предмет кој беше (и правно гледано сеуште е) загубен предмет за обвинителството, со цел и со договор да му биде попуштено, односно помогнато во друг предмет каде неговите позиции се многу лоши во однос на доказите кои ги има обвинителството.
Популарно меѓу народот се вели дека се има “испазарено”. Тоа подразбиран дека најверојатно се договорил во овој предмет да каже невистина која му е потребна на обвинителството и власта во кој јас сум главниот таргет, за во друг предмет обвинителите “да не видат” некои негови законски престапи.
Од она што ново го кажа пред четири дена една работа е клучна промена во однос на претходните изјави кои ги дал, а тоа е дека во 2015 година Ристо Новачевски му се јавил на Камчев со понуда да му продаде земјиште и притоа според новата верзија на Камчев, Новачевски наводно му кажал дека тоа земјиште е мое, па Камчев одлучил да го купи за да не си имал проблем со мене како премиер.
Освен што е нелогично што за таква скапа инвестиција тој воопшто и не проверил со мене, дали навистина изјавата на Ристо Новачевски е точна во однос на тоа чие е земјиштето, сосема очигледно дека Камчев не ја говори вистината е и фактот што мојата функција Премиер заврши 4-5 месеци подоцна во јануари 2016 година, потоа во декември 2017 година се повлеков и од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во ноември 2018 година под налетот на политичкиот прогон заминав во Унгарија каде побарав и добив политички азил заради констатиран политички прогон, а од јуни 2019 година веќе не сум ни член на македонскиот парламент, со што немам никаква политичка функција и политичка моќ.
Јордан Камчев прв пат дал исказ како осомничен во обвинителството за предметот “Плацеви Водно” дури една година и девет месеци подоцна, односно во фебруари 2021 година.
Дадената изјава во фебруари 2021 година е во време кога јас немам апсолутно никаква политичка функција и никаква политичка моќ па Камчев немал апсолутно никаква пречка да ја каже вистината пред обвинителството и судот доколку тоа била вистината.
Тоа е време кога веќе Ристо Новачевски е излезен од тримесечниот притвор каде под уцена и притисок целосно ја променил изјава од првичната изјава пред притворот, кои изјави Камчев го имал на увид пред да ја даде неговата изјава.
Во таа изјава како што кажав Ристо Новачевски под притисокот во самиот притвор ја менува претходно дадената изјава и наместо лицето кое претходно го посочил дека му понудило да биде управник ме посочува мене.
Камчев освен изјавата во обвинителството речиси 20-30 рочишта во судот ја бранеше вистината, издржа 7-8 месеци притвор, време во кое доаѓаа поранешни евро комесари да бараат да се запре политичкиот прогон кон него, илјадници негови вработени, угледни лекари и пријатели му изразува јавна подршка секојдневно преку социјалните мрежи, шест адвокати го положија својот авторитет и во судот и во јавноста, за одеднаш после три средби “пазарење” со обвинителката целосно да ги промени своите позиции и да ги понижи и сите оние кои веруваа во неговата невиност и истрајноста во борбата за докажување на правдата.
Го потврдувам она што и самиот Камчев го кажа повеќе пати дека јас со Јордан Камчев никогаш додека обавував јавни функции не сум бил близок. Како познат бизнисмен до крајот на мојот мандат во власта секако сум остварил неколку контакти со него, но секогаш тоа било поврзано со службените обврски и активности и никогаш за приватни цели.
Еве делови од она што го кажал Камчев во обвинителството (тези кои ги повторуваше и докажуваше во судот, вклучително и со сведоци и матерјални докази се до пред четири дена), а целата изјава е подолу на фотографии за оние кои сакаат целосно да ја прочитаат. Овие тези, одговори и одбрана ги повторуваше и бранеше повеќе од една година се до пред четири дена. Нивното нагло менување и ставањето во крајно непријатна ситуација на целата негова околина која се трудеше да му помогне не е случајна.
-“Најпрво сакам да изјавам дека за тоа што ме сомничи Обвинителството како помагач за сокривање на сопственост на имот имам целосна документација како е воден процесот на купување, зошто е купено, колку корист од купопродажбата имале УЈП, Општината Центар и Градот Скопје. ЛИЦЕТО РИСТО НОВАЧЕВСКИ како што прочитав во исказот кој ми беше предочен ДАВА КОМПЛЕТНО ЛАЖНА И НЕТОЧНА ИЗЈАВА, а впрочем за истото доколу се проверат книгите во средното училиште Моша Пијаде Скопје и од Економскиот факултет, ќе се види дека јас и тој се познаваме повеќе од 30 години, од средно училиште и во бизнисот… …Исто така Ристо Новачевски беше еден од најголемите дистрибутери на фармацевтски производи во Македонија и имаше соработка и со нашата болница. Често се јавуваше да му купуваме лекови преку неговата фармацевтска куќа….”
-“Исто така добро е познато на сите членови на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ дека не му бев омилениот бизнисмен и лик на тогашниот премиер Никола Груевски…”
-“…Откако компанијата Орка Холдинг како сопственик на Аџибадем Систина одлучи да инвестира во локациски одличната локација за изградба на дом за постари лица со медицинска грижа нарачавме физибилити студија и пробавме да разговараме со општина Центар за потребната инфраструктура затоа што овие плацеви немаат никаква инфраструктура. Со тогашниот градоначалник не наидовме на разбирање….тргнавме во продажба на купеното земјиште”
-“ Не гледам како јас и мојата мајка Ратка сме сакале да прикриеме било каква сопственост и НАЈОДГОВОРНО УШТЕ ЕДНАШ ТВРДАМ ДЕКА СО ЛИЦЕТО НИКОЛА ГРУЕВСКИ НИКОГАШ НЕ СУМ ПРЕГОВАРАЛ НИТУ СУМ СЕ СРЕТНАЛ, НИТУ ТЕЛЕФОНСКИ, НИТУ ФИЗИЧКИ ВО ВРСКА СО ИНВЕСТИЦИЈАТА НА ОРКА ХОЛДИНГ….”
-“Јас како што нагласив погоре, се познавав со Ристо Новачевски и за оваа купопродажба на мене ми се јави Ристо Новачевски. Не можам да се сетам дали Ристо бил кај мене во фирма или првичниот контакт бил телефонски бидејќи ние секојдневно соработувавме со Ристо…Ристо ја има понудено компанијата на продажба во која мислам дека имал сопствен интерес, а јас како што кажав погоре, тргнувајки од бизнис идеите што ги имав прифатив да ја купам фирмата…
Покрај тоа што го прашав Ристо за историјата на земјиштето, јас ги задолжив моите адвокати да проверат како е купено земјиштето, при што тие ми ја потврдија постапката дека земјиштето е купено од приватни лица и нема врска со државата….”
Ако ова не било вистината, зошто Јордан Камчев го говори во 2021 година (а и до пред 4 дена), во време кога немам никаква политичка функција или моќ?
Кога со брутални уцени, притисоци и незаконски методи се изнудуваат или менуваат изјави заради политички цели и политички прогон на лица кои биле и се неистомисленици со власта, тоа не може да биде демократија а осумте осто доверба во судството кај народот се логична последица.