Поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски се огласи со став околу престојниот попис на населението. Тој Фејсбук пишува:
“Попис во Македонија и потребата од заедничка соработка на партиите заради државен и национален интерес
Во својство на поранешен премиер, неколку работи околу претстојниот попис.
На Македонија несомнено и е потребен попис.
Но, пред се реален и фер попис, попис во кој ќе веруваат најголем дел од граѓаните, со закон кој го гарантира тоа и со доверба кај сите политички чинители која потоа ќе се рефлектира и во поголема доверба кај населението и општата јавност.
Отфрлањето на амадманите со кои се предлагаше при секое попишување идентификација на лицата да се направи со отпечаток од прст преку мобилна опрема кај секој попишувач која е он лајн поврзана со базата на податоци на МВР е лош сигнал и нема аргументирано објаснување, што остава простор за сериозен сомнеж дека некој планира лажирање на пописот со лица кои не се присутни или можеби и не се живи.
Исто така отфрлањето на принципот насекаде да одат двајца попишувачи од различна националност со врзан потпис е голем чекор кон нарушување на довербата во процесот, но и на зголемениот надѕор. Но, отфрлањето на амадманите не е крај на сите можности ако почне порационално да се размислува.
Не е разбирливо зошто се укинува државната пописна комисија во која и опозицијата би можела да делегира неколку експерти од областа, кои би имале право на проверка на попишаните лица, со испраќање нова попишувачка двојка онаму каде има основан сомнеж, но и со надзор на работата при утврдување на критериумите и изборот на теренски попишувачи како и контрола врз внесувањето на податоците во компјутер подоцна.
Отфрлањето на предлогот на опозицијата секој попишан да добие примерок од пописната листа исто така мислам дека не е добар чекор. Таа идеја не само што ќе ја зголеми довербата во процесот, туку ќе направи многу луѓе и нивните наследници горди, покажувајќи како се попишале како Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, но и Бугари, Грци, Хрвати и.т.н. а ќе помогне и да нема лажирања при конкурсите за вработување во јавниот сектор каде понекогаш се случува различни лица лажно да ја престават својата националност за да обезбедат вработување во некоја државна институција.
Досега очигледно е дека и опозицијата не ги користеше сите легитимни расположливи средства и на моменти делуваше како да крена раце од пописот со најава дека немало да го признае, иако е јасно дека пост фестум реакција со непризнавање нема никому да значи ништо, ниту пак идејата за нов попис по доаѓањето на власт на опозицијата звучи реалистично и остварливо, имајќи во обзир дека за такво нешто ќе е потребна и поддршка од коалиционите партнери во владата, како и не опструирање на тогашната опозиција и други фактори, а конечно и нови трошоци.
Впрочем, зошто нов попис, кој веројатно нема ни да се случи, кога сега може да се заврши фер попис со здружени напори и чесен пристап и на власта и на опозицијата ако се има воља кај двете страни за ова прашање кое е од висок државен и национален интерес.
Конечно непризнавањето на опозицијата нема да им пречи на европската статистичка агенција, на ЕУ, на ООН и на целата меѓународна заедница да ги користат податоците како валидни од кога меѓународната заедница ќе ги признае и ќе стане дел од домашните и меѓународни институции. Во ваква атмосфера мислам дека веројатно ќе ги признае какви и да се, за да нема нови проблеми во земјата.
Одредени искуства од минатото укажуваат дека пописот може да биде предмет на злоупотреба преку масовно попишување на дијаспората која подолго од една година живее надвор од земјата, од страна на одредени етнички заедници и нејзино претставување како да живее во Македонија, што во Македонија не е неважно заради уставните измени во 2001 година.
Ако остане овој закон, согласно искуствата од минатото постојат неколку опции по кои веројатно ќе се одвива пописот:
1. Активно попишување на целокупната или поголем дел од дијаспората а можеби и на некои починати лица, од страна на попишувачите на една етничка заедница. Ова ќе резултира со нереален попис, многу фрустрации, политички тензии и негирање на веродостојноста на пописот.
2. Активно попишување на целокупната и поголем дел од дијаспората, а можеби и на некои починати лица од страна на две или повеќе етнички заедници и во тој дел трка која етничка заедница ќе направи повеќе неправилности при попишувањето и ќе запише повеќе лица оддамна иселени, како да живеат во Македонија; и во ова сценарио ќе добиеме нереален попис.
3. Бојкот на пописот кај неколку стотици илјади граѓани преку неотварање врата, како да не се присутни во домот, за да одбегнат казна, кога попишувачот ќе заѕвони на вратата, од страна на голем број граѓани веројатно од една етничка заедница, во случајот македонскиот народ, независно дали некоја партија ќе ги повика граѓаните или не на бојкот. Како што во моментот стојат работите, без повик некоја партија но со лични одлуки на голем број граѓани, кои пак истовремено може да се забележи на социјалните мрежи, веќе вршат притисок на опозициските партии да повикаат на бојкот. Јас никогаш не сум бил поддржувач на бојкот во политиката, што низ одлуките во клучни моменти и сум го демонстрирал. Бојкотот не ги решава проблемите, често и ги продлабочува и политиката е борба за натпревар, а не за бојкот. Но, доколку во овој случај немањето политички договор и консензус на Законот за попис предизвика преголема фрустрација, можно е дел од граѓаните помасовно да преминат кон тоа, дури и кога е нерационално во однос на исходот.
И во ваков случај резултатите од пописот би биле нереалени. Развој на настаните од овие три можни сценарија, не би ја дал најважната придобивка од пописот а тоа е прецизна база за натамошното планирање на развојот и иднината на државата. Дополнително би дал погрешна слика и би заклучиле дека попусто се потрошени парите и попусто и не потребно е поминато низ еден тензичен период.
4. Прекин на пописот доколку ескалираат неправилностите или негово одложување во една непријатна и тензична атмосфера. Во сите четири опции нема да имаме реален и законски попис кој реално ќе ја отсилика состојбата на теренот во Македонија, а во првите три опции и попис во кој нема да постои никаква доверба кај населението со можност за нова политичка криза. Дури и да предвидиме петта варијанта во која во идеална ситуација ќе се одржи целосно законски и фер попис, со одбивањето на власта да ги вгради заштитните механизми од фалсификати на кои инсистира опозицијата на мнозинството народ, но и илјадници граѓани како поединци, никој или барем мнозинството граѓани нема да веруваат дека пописот бил фер и реален. Тогаш, не разбирам зошто е ова туркање на сила од страна на власта на пописот. Знаеме дека бројот на пратеници им ја дава силата, но тие пратеници ниту ќе ја изградат довербата во процесот на попишување кај мнозинското население, ниту ќе ја спречат целата негативна енергија која ќе произлезе во општеството и која ќе остане да тлее со години и да биде генератор на негативни трендови.
Знам дека ниту Македонците, ниту Албанците, ниту било која друга етничка заедница не би сакала нивниот процент на застапеност во вкупното население неоправдано да се намали како резултат на незаконски попишани лица од друга етничка заедница со што таа етничка заедница неоправдано и лажирано би пораснала на сметка на другите. Ова затоа што Уставот на Македонија по Рамковниот договор предвидува степен на застапеност во јавната администрација, користење на јазиците во општините и ред други права поврзани пописот. Знам дека на мнозинството од Македонците во Тетово и на мнозинството од Албанците во Скопје воопшто нема да им е сеедно дали нивниот процент на застапеност ќе биде, 25, 18 или 35 проценти и верувам дека сите или убедливото мнозинство граѓани сакаат чесен и фер попис и особено после последното искуство ќе се повнимателни околу тоа. Верувам и дека преставниците на меѓународната заедница кои се пријателски настроени кон Македонија посакуваат фер и законски попис, но и попис во кој убедливо мнозинство од граѓаните ќе имаат доверба а оние кои и понатаму ќе немаат доверба, да немаат аргументи за тоа.
Зошто тогаш во Законот не се обезбедуваат заштитни и контролни механизми кои ќе ги остранат сомнежите и ќе ги здружат силите кон заедничкиот државен и национален интерес а тоа е успешен, законски и фер процес на попис во кој ќе има широка доверба? Мудро е да се размисли уште еднаш.
Рационално и мудро однесување на власта е ако опозицијата им бара по два попишувачи со врзан потпис, да им понуди ако сакаат и по три, само со цел сите да веруваат дека пописот е чесен и спроведен во фер постапка, и со паралелна цел да ја вовлече опозицијата во процесот за заеднички да го истуркаат и да нема голема општа недоверба во целата операција од страна на огромен број граѓани.
Опремата за онлајн отпечаток на прст веќе сите знаеме дека и онака годинава ќе се набавува за локалните избори каде со закон е тоа предвидено како обврска.
Што е проблем ако таа опрема се набави шест месеци порано?
Конечно дали пописот ќе се одржи во април или во мај не е најважно колку што е важно да има доверба во спроведеното а не нови поделби и нова доза негативна енергија и тензии во општеството.
Зошто се бега од аргументирана дебата и аргументирани одговори по прашањето на закон кој гарантира фер процес на попишување? Истото уште не почнало а со овој однос практично верувањата дека пописот е лажиран се веќе доминантни, барем кај мнозинскиот народ во државата, кај Македонците.
Ако се има волја, процесот може да се изменаџира и да има друг позитивен тек. Тоа е можно со брза измена на Законот за попис, поддржана од сите. Тотално е неважно што во другите земји не се зема отпечаток од прст бидејќи во другите земји пописот не обезбедува разни колективни права и нема вакви тензии околу него. Значи, и онака сме веќе различни од другите земји па така нормално е процесот да го прилагодиме на нашата реалност.
Состојбата дополнително стана проблематична со фактот што Законот не го усвоија сами како власт СДСМ и ДУИ, туку СДСМ и сите партии во парламентот чии поддржувачи се главно граѓани од втората најголема заедница во државата, чии партии и пратеници и од власта и од опозицијата го поддржаа овој закон. Овој потег му фрли уште посилна етничка димензија и сомнеж на пописот и ако вака остане, со силата на мнозинството во парламентот, пописот некако ќе се истурка, но ќе генерира нови поделби и продлабочување на јазот кој и онака постои, сакале ние да го признаеме тоа или не.
Не разбирам ако и двете страни (власт и опозиција) сакаат реален попис зошто не се договорат и особено зошто власта не излезе во пресрет на барањата на опозицијата за дополнителни гаранции во Законот бидејќи така ќе си ги намали проблемите и критиките а ќе ја постигне целта: фер и законски попис.
Од друга страна, ако тоа се случи, опозицијата не смее да го злоупотреби тоа или повторно да го проблематизира процесот без многу сериозни аргументи.
Треба и двете страни да покажат зрелост и да демонстрираат пред јавноста дека за прашања од државен интерес можат да се договорат без да си поставуваат дневно политички замки. Лошото искуство со пописот од минатото не треба ниту да се игнорира ниту да се повтори.
Благица Новковска несомнено е меѓу најискусните луѓе во Македонија во сферата на статистиката и пописот и експерт во оваа област во Македонија но и во регионот. Од нејзината биографија на интернет може да се пресмета колку години работела во Заводот за статистика и колку години била негов директор, што е несомнено огромно искуство и акумулирано знаење и експертиза.
Загрижуваат нејзините апели преку нејзиниот ФБ профил во врска со претстојниот попис. Таа укажува и за многу сериозни проблеми со базите на податоци на кои се повикува власта, кои бази ќе доведат до комплетно не точен резултат од пописот. Никој не дава аргументиран одговор на тоа, можеби во една јавна телевизиска дебата.”