По избивање на аферата со незаконското прислушување, уцените од Заев кон Груевски и јавното објавување на т.н. бомби со цел тогашната власт да падне, да се инсталира Заев и да се смени името на државата, власта на Груевски тврдеше дека во прашање е незаконско прислушување изведено од други лица, во што има вмешаност и на странски елемнти заинтересирани да се изведе целиот процес.

На денешното рочиште од Таргет тврдина екс обвинителте на СЈО, Трајче Пеливанов и Ленче Ристовска, презентираа извештај од израелска фирма која потврдува дека тврдењата на таа власт не биле лажни. Скандалот не е само во тоа, туку и во фактот дека членовите на СЈО кое се распадна поради корумпираност, по што изби и аферата со нивните дебели бонуси, го имале овој извештај составен од компанија која е професионлна  во оваа област.

Имено, израелската компанија „Реизон“, во извештајот кој го подготвила навела дека во 2014 година добила барање да испита дали има незаконски поставени уредни за ГСМ пресретнување во Македонија и во Скопје.

За таа цел, според извештајот, Израелците поставиле специјализирана опрема на 1 октомври 2014, а е наведено дека ја отстраниле на 27 ноември 2014.

Со специјализираната опрема и со тим експерти, израелската компанија правеле скенирање на подрачјето на Скопје.

На денешното рочиште, Пеливанов истакнал:

„Системот што го користела израелската компанија за скенирање на ГМС околината, според извештајот, користи уникатен детекторски алгоритам за утврдување дали алтернативен лажен оператор ја има заменето оперативната ќелија. Исто така, во извештајот е нотирано дека за целиот период на скенирање биле забележани 100% незаконски активности. Во извештајот има 11 датуми за периодот на скенирање на теренот, со час кога е детектирано тоа и со локација каде се детектирани незаконски активни системи“.

Локациите каде наводно бил детектиран таков активен систем во извештајот од Израелците се наведени како Министерство (не е прецизирано кое), во близина на Собранието на РМ и во близина на британската амбасада.

„На последната страница има резиме од заклучоците во кои е нотирано дека имало најмалку еден незаконски активен систем за ГСМ во Македонија управуван од експерти и професионалци кои биле добро обучени и образовани во таа област“, истакнал Пеливанов.

Во извештајот, израелската компанија дала и препораки да се инсталираат дефанзивни и офанзивни системи за да се спречи нелегално прислушување. Па така, како што беше презентирано, тие препорачале да се инсталираат три фиксни системи во градот Скопјево форма на триаголник и еден пренослив систем во комбе.

Ваквиот систем кој го препорачале Израелците да се купи и инсталира давал можности за пресретнување на сите повици, текстуални пораки, блокада на телекомуникацискиот сообраќај, прекинување на повици, инсталирање „Тројански коњ“ во телефонот итн.

Овој извештај СЈО го имало в рака. Наспроти овој извештај, ангажирале извесен Бошко Јакимовски кој на денешното рочиште беше претставен како вештак, иако не беше присутен, и кој направил вештачење кое утврдило дека вештачењето на професионалната израелска компанија не е точно. Неговиот извештај го презентираше исто така Пеливанов, а негово појавување во судот се очекува на следното рочиште, кога се очекува да дознаеме кои му се референците.