Бугарија не постигнала значителен напредок во главните области што го загрижуваат Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), се наведува во извештајот на известувачот на ПССЕ, Микаел Аструп Јенсен за исполнувањето на обврските на земјите под мониторинг, преземени со членството во Советот на Европа.

На годинешнава прва зимска сесија на ПССЕ, која се одржува комбинирано, при што дел од парламентарците се присутни во Стразбур, а дел учествуваат преку видео врска, за Бугарија беше истакнато дека во изминатата година нема постигнато напредок во главните области што загрижуваат, вклучително и корупција на високо ниво, слобода на медиумите, како и човековите права на малцинствата, меѓу кои и на Македонците.

– Во однос на човековите права на малцинствата, комесарот на Советот на Европа за човекови права со загриженост во својот извештај за Бугарија за 2020 година забележа ендемска нетолеранција кон малцинските групи, особено Ромите, муслиманите, мигрантите и барателите на азил, како и на граѓаните кои се изјаснуваат како етнички Македонци. Во извештајот се наведува наплив на непријателски акти против малцинства, вклучително и злосторства од омраза и низа антиромски митинзи организирани низ Бугарија, нагласува Јенсен.