Никола ГРУЕВСКИ

“Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај” беше синтагмата која го водеше во пред илинденскиот период еден од шесте основачи на МРО и нејзин секретар Дамјан Груев, роден на 19 јануари 1871 година во Смилево, убиен на 23 декември 1906 во Русиново.

Оваа синтагма е позната уште од времето на француската револуција, но на македонските простори и во македонската историографија од современата историја се поврзува со зборовите и позицијата на Даме Груев во предвечерјето на Илинденското востание кон крајот на 1902 и 1903 година кога се воделе бројни дебати дали е дојдено времето или е преурането кревањето на општонародно востание, а подоцна и во каква форма да биде.

“Кој бил во право”, Делчев или Груев кој формално го зачленил и заколнал Делчев во организацијата во црквата Света Богородица во штипската населба Ново Село, или подоцна “кој бил во право Карев или Питу Гули” кога се одлучува да се напушти речиси опколеното Крушево, ќе остане вечна тема за дискусија со поделени мислења.

Не е наше, и не е во ред, после 120 години, од денешен аспект, со денешните информации кои ги имаме и далеку помирен, помалку ризичен, не толку како тогаш сиромашен и тежок живот, како и слободата што ја уживаме во ослободена Македонија, да судиме околу тоа и да се правиме многу умни.

Оние кои ги интересира оваа проблематика најпрвин со многу читање и истражување на историски и архивски документи треба длабоко да проникнат во времето, “длабоко да спуштат сонда во тоа време и околности”, да ја проучат и историјата на секојдневниот живот тогаш, маките и тортура на македонците и на сите што живееле заедно тогаш во тоа време, економско општествените, политички, воени и меѓународни состојби, стравовите, очекувањата и ризиците на тоа време, а дури потоа да се обидеме да ги разбереме мотивите и околностите на двете страни од тогаш и да кажеме под кои околности, мотиви и размислувања едните се определиле за еден, а другите за друг пат и одлука, и од сето тоа да извлечеме поука за иднината.

Сите тие се синови на Македонија кои независно на нивните разлики, размислувања, лични карактери, повремени компромиси и прилагодувања кои морале да ги прават во дадени околности, разни привремени сојузништва на кои биле приморани за да опстанат и да ја продолжат борбата, стратешки капацитети, храброст, грешки, слабости, предности, визионерство и аналитичност итн порано или подоцна ги положија животите за слободна Македонија.

За славниот македонски херој Дамјан Груев не треба посебно да се зборува и пишува бидејќи е добро познат на пошироката јавност во Македонија неговиот животен и револуционерен пат. За среќа тој не е од оние македонски револуционери кои речиси половина век беа стигматизирани и сатанизирани од поствоената комунистичка историографија, иако кај дел од нив имало дилеми дали со него можеби не погрешиле.

Даме Груев, кој бил и член на раководството на Илинденското востание во Битолскиот револуционерен округ и активен учесник во него, и како искусен и авторитетен војвода можеби и главен балансер и човек кој најмногу допринел да се контролира мирот меѓу присутните кој на моменти се заканувал да излезе од контрола и да заврши со меѓусебни убиства на лице место за време на Рилскиот Конгрес во 1905 година, низ својот живот освен низ планините и селата, крстател на релација Солун, Белград и Софија, делумно заради оформување на неговото образование, а делумно заради средби поврзани со револуционерните цели на Организацијата, заробен па ослободен од просрпските чети во Македонија, затворен од исманлиските власти речиси три години, на почеток во Битола каде од затворот раководел со органзацијата а потоа префрлен во затворот Бодрум (Подрум) Кале во денешниот познат туристички град Бодрум во Турција заедно со поголем број други раководители на организацијата, уште како жив бил жива легенда, а по убиството замина во легендите засекогаш. Споменикот кој се постави во 2009 година на централниот плоштад Македонија во Скопје, документарниот филм кој се снимаше неколку години подоцна, називите на образовни и спортски објекти, како и улици, издадените книги и истражувања итн се само потсетување и начин на запознавање на новите генерации на овој македонски великан и на овој славен и херојски дел од македонската историја.