Денеска се навршуваат 22 години од неофицијалниот почеток на конфликтот со албанските терористи на ОНА, кога на 22 јануари 2001 година во тетовско Теарце беше извршен терористички напад врз полициската станица во кој загина бранителот Момир Стојановски (30), а уште тројца полицајци беа повредени.

Вооружениот напад на полициската станица во Теарце неофицијално се смета за почеток на воената криза во Македонија. При нападот на станицата во неа имало четворица дежурни полицајци, а одговорноста за нападот тогаш ја презеде тн. Ослободителна народна армија (ОНА).

Нападот се случи во 2 часот по полноќ. Терористите биле вооружени со минофрлач и автоматско оружје. Се претпоставува дека со минофрлачот било пукано на околу 20-тина метри оддалеченост од полициската станица. Првиот обид со минофрлачот бил неуспешен со тоа што испуканиот проектил погодил бандера, на што следувале кратки рафали од автоматско оружје. Веднаш бил испукан уште еден проектил кој завршил во просторијата каде што биле сместени дежурните службеници.

Во нападот почина 30-годишниот Момир Стојановски, полициски службеник од Крива Паланка кој дежурел во станицата. Од гранатата ранети биле и останатите тројца службеници кои биле во просторијата за дежурство заедно со Стојановски од кои еден потешко повреден. Од самата детонација биле искршени стаклата на два дуќани, а било оштетено и едно возило кое во моментот на нападот било паркирано пред полициската станица.

Ден по нападот ОНА објавил „комунике“ во кое ја презема одговорноста за нападот, објаснувајќи дека нападот имал предупредувачки карактер и повикувајќи ги полициските службеници да се повлечат од своите работни должности за да не ги загубат животите. Организаторот на нападот со решение на судот бил амнестиран во март 2002 година.

Загинатиот бранител Стојановски е роден во 1970 г. во кривопаланечко Добровница, бил македонски бранител, припадник на СВР Крива Паланка, учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година.

Тој е првата жртва во воениот конфликт во Македонија во 2001 година, а погребан е на гробиштата во родното село Добровница. Стојановски постхумно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Република Македонија.

(Подготви: Д.Г.)