Никола ГРУЕВСКИ

Изјава по повод денешното обраќање на Русковска

Никогаш не сум избегал од соочување со правдата. До последен ден одев на судските рочишта и за тие кои одблиску и непристрасно го следеа процесот покажав и докажав дека ме судат без вина во очигледен политички прогон со политички монтиран процес и дека судот, исто како и обвинителството, е ставен во политички цели и работи со политички мотиви и инструкции.

Затоа кога веќе завршија и се исцрпеа сите можни начини за докажување на вистината, соочен со неправдата и пораките за линч кои ги добивав, одлучив да заминам од земјата и времено да се засолнам од налетот на политичкиот прогон врз мене.

Неправедно и незаслужено, без вина и со политички конструиран случај да треба да влезеш во затвор во кој ти се спрема ликвидација, не е воопшто соочување до правдата. Како што не е бегање од правдата ако одбиеш да го прифатиш тоа.

Нарачателот на политичкиот прогон неодамна јавно призна аудио снимка со негов разговор во кој тој лично говори и подобро и од мене објаснува дека бил свесен дека аудио материјалите се незаконски прибавени и како резултат на тоа бил свесен дека ќе паднат на повисок суд, но сепак на крајот воден од омразата неуставно креираше закон со кој за мене и многу од мојата партија истите да можат да се докази, а за него во иднина ако излезат слични да неможат да бидат докази. Пресудата против мене се темелеше исклучиво на тие аудио материјали иако и од нив не произлегуваа никакви докази за моја вина, ниту пак сум осуден дека е направена некоја штета на буџетот или лична материјална корист за мене. Но истовремено тој ни раскажа како сите работи околу судењата лично и користејќи ја својата моќ ги договарал со судиите и обвинителите.

Аудио материјалите истовремено се и само копии кои не се споредени со оригиналот и неслучајно судот бега од вештачење на нивната целовитост, автентичност и веродостојност преку нивна споредба со оригиналот. Но, додека да паднат незаконските т.н. докази, очигледно планот беше, бидејќи немаа за што друго да ме стават во затвор, да го направат тоа незаконски и со политичка нарачка за нешто за кое немам вина и на тој начин да ме елиминираат. На крајот, видовме дека дури и оној кој ги имал аудио матерјалите, пред неколку месеци во судот даде изјава дека тие аудио материјали биле “страотно манипулирани и сериозно компромитирани” откако тој бил лишен од слобода.

Никогаш не сум дал инструкција или не сум побарал од било кого да се отворат вратите на парламентот или да се влезе во него и примени физичка сила. Ниту усно, нити писмено, нити телефонски нити преку телефонска порака. Како што веќе се произнесе и судот во Шведска во еден од случаите за кои расправаше тој суд, влезот во парламентот го оквалификува како народен бунт со нагласување дека не станува збор за тероризам.
Сите видовме како власта свесно и со умисла го прекрши уставот и со тоа свесно го предизвика народот кој веќе беше насобран пред парламентот во време во кое секој ден околу еден час беше таму во претходните два месеци пред настанот.

Истиот суд во Шведска потврди дека во Македонија не постојат услови за фер судење и дека овој случај е политички прогон. Шведска е земја членка на ЕУ. Истиот тој суд му препорача на еден од учесниците во настаните на 27 април да побара азил во Шведска заради политички прогон.

Досега три земји членки на ЕУ издадоа азил во политички монтирани судски случаи во Македонија. Тоа многу говори за правдата и начинот на недемократско и со терор владеење во Македонија.