Партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) се против брз почеток на преговори со С. Македонија и Албанија за приклучување кон ЕУ. Одлука веројатно ќе биде донесена во октомври, вели Гунтер Крихбаум од ЦДУ за Дојче веле.
– Додека се донесе одлука ќе дојде октомври, вели претседателот на Комисијата за европска политика на Бундестагот, Гунтер Крихбаум од Христијанско-демократската унија.
Тој за агенцијата ДПА оценува дека „сигурно нема да има ништо“ од позитивно изјаснување на 28-те земји членки на Унијата веќе на средината од јуни.
Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот (СПД), пак, притиска за брз почеток на преговорите.
– Сега ЕУ треба да испорача, пишува Рот во гостински коментар за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Треба да го одржиме ветувањето“, пишува Рот, кој оценува дека С. Македонија и Албанија направиле „опиплив напредок“.
Се очекува Европската комисија денеска да препорача почеток на преговори со двете земји. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за ДП во април изјави дека смета со позитивна одлука.
Конечниот збор го имаат државите на ЕУ и тој може да биде даден веќе на 18 јуни, на средба на европските министри во Луксембург.
Во Германија зелено светло мора да даде Бундестагот, а тоа нема да биде можно доколку пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) не се согласи. Членките на ЕУ во основа се согласија со почеток на преговори со Албанија и С. Македонија во јуни минатата година, меѓутоа почетокот на преговори беше условен со натамошни реформски чекори.