Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска ги повика Русија и Украина да покажат „максимална воздржаност“ и да избегнат натамошно влошување на тензиите по конфронтацијата на Црното Море.
– Генералниот секретар на ОН е многу вознемирен од инцидентот кај полуостровот Крим, во близината на Керченскиот Теснец и ги повикува (Москва и Киев) максимално да се воздржат и да преземат итни чекори за решавање на случајот и намалување на тензиите, изјави портпаролот на Гутереш.
Повик за смирување на ситуацијата пристигна и од Париз.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дриан рече дека Русија и Украина треба да се стремат кон деескалација на тензиите по тешкиот инцидент на влезот на Азовското Море, во текот на викендот, кога Москва задржа три украински бродови.
– Бараме сите страни да демонстрираат воздржаност, истакна францускиот министер по средбата со рускиот колега Сергеј Лавров.
Тој ја повика Москва да направи гест и да ги ослободи заробените морнари и бродови и дополни дека и со украинскиот колега Павло Климкин ќе разговара за напорите за деескалација.
Од своја страна, Лавров повторно ги нарече „провокација“ активностите на Украина и порача дека нема потреба за посредници за излез од ситуацијата. Според него, тоа се решава „во пракса“ преку разговори меѓу двете погранични служби, на кои ќе бидат договорени некои „технички прашања“.