Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш изјави дека е длабоко вознемирен од одлуката на Израел да воведе „тотална опсада“ на Појасот Газа.
Гутереш рече дека најавата на министерот за одбрана Јоав Галант дека Израел ќе ги запре сите испораки на електрична енергија, храна и гориво само ќе ја влоши она што веќе беше страшна хуманитарна ситуација на крајбрежната палестинска територија.
– Хуманитарната ситуација во Газа беше исклучително тешка и пред овие непријателства, сега само ќе се влоши, изјави Гутереш пред новинарите во седиштето на ОН во Њујорк, пренесува Анадолија.
– Медицинска опрема, храна, гориво и други хуманитарни материјали се очајно потребни, како и пристап на хуманитарниот персонал, додаде тој.
Шефот на ОН нагласи дека последното насилство „не доаѓа од ведро небо“, туку произлезе од „долгогодишен конфликт и окупација долга 56 години без политичко решение на повидок“.
– Мора да се реализираат легитимните потреби на Израел за безбедност, а мора да се реализира и јасната перспектива на Палестинците за формирање сопствена држава, рече Гутереш.
Тој додаде дека „само договорен мир кој ги исполнува легитимните национални аспирации на Палестинците и Израелците, заедно со нивната безбедност, долгогодишната визија за решение за две држави во согласност со резолуциите на Обединетите нации, меѓународното право и претходните договори, може да донесе долгорочна стабилност за луѓето од областа и поширокиот регион на Блискиот Исток“.