Успешниот епилог на Договорот од Преспа, како и постапката на ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО е од исклучително значење за регионот и за цела Европа, но пред се е голем успех за Обединетите нации (ОН), за Европската унија и за НАТО, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на денешната работна средба со заменик -министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.
Гутереш, како што соопшти владината прес-служба, искажал поддршка годинашната Нобелова награда за мир да ја добијат премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, токму поради постигнувањето на Договорот.
-Со овој историски Договор е затворено прашањето кое не само што ја блокираше европската и евроатлантската иднина на Република Северна Македонија во изминатите 27 години, туку и создаваше судир помеѓу двете соседни држави. На овој начин, двајцата премиери покажаа политичка спремност да донесат политички одлуки со кои се овоможува трајна стабилност во регионот и во Европа. Нивниот личен напор и спремност за компромис за добробит на граѓаните на двете земји се најдобар пример за мудро и долгорочно визионерство, кое е одлика исклучиво на вистинските лидери, истакнал Гутереш на средбата со Жерновски во седиштето на ООН во Женева.
Од страна на двајцата соговорници беше изразена благодарност до амбасадорот Нимиц за неговите лични заложби во решавањето на спорот за името, констатирајќи дека неговата дипломатска умешност и трпеливост од речиси три децении, заслужуваат длабока почит.
Заменик – министерот Жерновски на Гутереш му ја пренесол благодарноста од Владата за силната и континуирана поддршка што ОН и ја даваше на земјава за време на целиот процес на преговори за изнаоѓање решение за името што се водеа под покровителство на ОН, како и за целиот процес на спроведување на Договорот од Преспа.
Воедно, на средбата се разговараше за активностите на Владата во врска со спроведувањето на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, односно од Договорот со Грција. Генералниот секретар информирал и за доставените писма од негова страна до претседателот на Советот за безбедност и до претседателот на Генералното собрание на ОН, со кои ги известил за влегувањето во сила на Конечната спогодба.