Повеќе од 120 претставници на централни банки од дваесеттина држави учествуваат во работата на 11. Конференција за плаќања и пазарна инфраструктура „Време е за дигитализација“ што во организација на Народната банка на РМ и Централната банка на Холандија од денеска се одржува во Охрид.
– Фокусот на собирот оваа година ќе биде на дигитализацијата како значајна новина што се случува во банкарскиот сектор во глобални рамки, поттикната на новите „Финтек“ компании што нудат иновативни производи и напредни технологии, а кои во основа значат мноштво услуги за сите потрошувачи со пониски трошоци, појасни гувернерот на НБРМ Анета Ангеловска – Бежоска.
За платежната инфраструктура во Македонија таа рече дека е во линија на европските и светските трендови и стандарди и дека постојано се унапредува и надградува.
– Постојано ги следиме најновите промени, како што е новата европска регулатива за платежни услуги што стапи на сила оваа година. Истата веќе ја имаме предвид, изработен е нацрт-закон со Министерството за финансии чие усвојување го очекуваме наскоро, со што држиме линија со најновите стандарди во индустријата, рече таа.
Гувернерката не очекува дека растот на нафтата на светските берзи ќе предизвика инфлаторни промени.
– За нас како Централна банка растот на цената на нафтата е очекуван. Во фазата на макроекономските проекции ние ги следиме сите тековни движења, очекувањата на аналитичарите, така што цената не е за изненадување, уште повеќе што по неколку години пад на цената на нафтата минатата година покажа нагорен тренд, рече Ангеловска – Бежоска.
Притоа таа нагласи дека нафтата е само една од компонентите што влегуваат во инфлацискиот индекс, која нема директен значаен ефект и самите промени на нејзината цена не би требало да предизвикаат позначајни инфлаторни притисоци.
– Сепак многу ќе зависи колку притисоците од тој ценовен ефект кај нафтата ќе се пренесе на останатите производи па оттаму евентуално да се види некој секундарен ефект. Имајќи ги предвид сите движења и очекувања со цените на нафата, нашата проекција како централна банка за оваа година е двопроцентна инфлација што е во линија и со нашата поставена цел за одржување ниска и стабилна инфлација, појасни таа.
На собирот во Охрид предвидео е свои излагања и предавања да имаат високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка. Учеството на претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка, укажува на квалитетот на конференцијата во меѓународни рамки.
Конференцијата ќе опфати теми кои што, меѓу другото, ќе се однесуваат на новите дигитални технологии за плаќање, безбедноста во дигиталната трансформација, глобалните трендови во финансирањето на трговијата, како и новата регулатива во платежната област во Европската Унија. За време на Конференцијата ќе биде одржана панел-дискусија на која истакнати експерти од платните системи, секторот „Финтек“ и претставници од платежните институции ќе дискутираат за трансформативната моќ на дигиталните плаќања и предизвиците во плаќањата во интегрираниот свет.