Претставниците на државата Њујорк денеска му соопштија на гувернерот Ендрју Куомо дека истрагата за негово отповикување е речиси завршена и 13 август е крајниот рок за обезбедување дополнителни докази од негова страна пред донесување на конечната одлука.
Куомо е обвинет за сексуално вознемирување на повеќе жени од неговото опкружување, што тој го негираше и рече дека нема да поднесе оставка.
Судскиот комитет во Њујорк од март истражува дали постои основ за отповикување на гувернерот на сојузната држава од редовите на Демократската партија под обвинение за сексуално вознемирување на 11 жени, залажување на јавноста за појавата на жаришта со Ковид-19 во домови за стари лица и користењето државни ресурси и персонал за работа врз неговата книга, во вредност од пет милиони долари, јавуваат американските медиуми.
Во денешното писмо, адвокатската фирма што ја водеше истрагата, „Дејвис Полк & Вордвел“, го потсетува правниот тим на Куомо дека судски од нив побарале одредени документи и дека очекуваат „целосна соработка од гувернерот“, но дека неговото време за одговор е речиси истечено.
„Сакаме да ве информираме дека истрагата е при крај, и дека Собранието наскоро ќе расправа за отповикување на вашиот клиент. Соодветно на тоа, ве покануваме да доставите дополнителни докази или пишани документи што би сакале комисијата да ги разгледа пред да се заврши работата“, се наведува во писмото.
Комитетот за ова прашање ќе се состане в понеделник.
Соопштението од независна истрага, надгледувана од главниот обвинител Летиша Џејмс, покажа дека Куомо вознемирувал најмалку 11 жени и дека неговата администрација и се одмаздила барем на една затоа што во јавноста излегла со обвинувањата.
Куомо негираше дека сексуално малтретирал некого и инсистираше на тоа дека откритијата не ги отсликуваат фактите. Тој се спротивстави на повеќете барања за оставка од многу истакнати демократи од Њујорк, како и од претседателот Џо Бајден.