Гувернерот на сојузната држава Вирџинја, Ралф Нордам, е соочен со јавни осуди и повици за оставка откако синоќа беше објавена негова расистичка фотографија од студентски дипломски албум.
На една од фотографиите од албумот од 1984 година кога Нордом дипломирал на колеџ за медицина, тој е фотографиран со лице обоено во црна боја заедно со негов колега, кој носи маска од Кју клукс кланот.
Во САД се смета за расизам и навреда кон луѓето од афро-американско потекло ако некој се појави со лице обоено во црно боја.
Објавувањето на фотографијата од страна конзервативниот портал „Биг Лиг Политикс“ предизвика протести пред зградата на Конгресот на Вирџинија во Ричмонд. Гувернерот сега е соочен со лавина од критики од двете страни на идеолошкиот спектар, како од демократите така и од републиканците, но и од разни граѓански организации и поединци, меѓу кои и кандидати за претседателска номинација. Сите повикаат на негова оставка.
Нордом засега нема намера да го стори тоа и синоќа објави свое видео во кое се извини за фотографијата.
-Длабоко жалам за одлуката (од 1984 година) да се појавам така на оваа фотографија и за болката што оваа одлука ја предизвикала тогаш и ја предизвикува сега, изјави гувернерот.
Повици за негова оставка дојдоа веднаш од Националната асоцијација за права на црнците и од Афроамериканците во Вирџинија. Камала Харис, кандидат за претседателска номинација од демократите во врска со ова изјави дека „лидерската позиција асоцира високи стандарди.“
-На дамките на расизмот не им е местото во ходниците на власта, порача таа.
Нордом денеска излезе со контрадикторна изјава во која негира дека тој е на фотографија и повторно порача дека нема да даде остава.
Ричмонд денес е еден од главните упоришта на граѓанскиот активизам и борбата против расизмот во САД. Во 19 век градот бил престолнина на конфедеративните сили кои против северот воделе војна за зачувување на робовладетелството во САД.