Самопрогласениот претседател на Венецуела, лидерот на опозицијата Хуан Гваидо ја обвини власта за немањето струја во земјата.
– Луѓето умираа по болниците порање немање струја. Ова е вистинско зло. Неопходна е смена на власта, рече Гваидо.
Тој не верува дека дошло до саботажа, како што тврдат венецуелските власти.
– Сите знаеме дека вистинската причина за лошата состојба на мрежата во државата е поради корупција на тоа поле, рече Гваидо.
Во меѓувреме, струјата постепено почна да се враќа во делови на Венецуела, вклучувајќи ја и престолнината Каракас.
Националната корпорација за електрична енергија вчера соопшти дека струја нема во 21 од вкупно 23 сојузни држави во Венецуела, поради саботажа во најголемата хидроелектрана „Симон Боливар“.
– Саботиран е централниот генератор… тоа е дел од војната против државата. Ние нема да го дозволиме тоа и работиме на повторно воспоставување на системот за електрична енергија, се наведува во соопштението на Националната корпорација за електрична енергија.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро ги прекина часовите во училиштата и работниот ден во петок, за да се олеснат напорите за враќање на испораката на електрична енергија во земјата, напиша на Твитер неговата заменичка Делси Родригес.
Мадуро за инцидентот го обвини „американскиот империјализам“.
Прекините во снабдувањето со електрична енергија се чести во Венецуела. Според експертите, тоа е поради недостиг на инвестиции во инфраструктурата, додека властите тврдат дека се саботира системот за електрична енергија.
Пред неколку години Мадуро нареди армијата да ги чува хидроелектричните генератори, но и покрај тоа повторно има прекини во снабдувањето со електрична енергија.