Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, рече денеска дека играчот на неговиот тим Ерлинг Халанд заслужува да ја освои наградата Златна топка за најдобар фудбалер во 2023 година.
Халанд оваа година постигна 52 голови на 53 натпревари и му помогна на Сити да ја освои тројната круна. Норвешкиот голгетер е меѓу 30 кандидати за престижната награда која ќе биде врачена на 30 октомври.
„Халанд би требало да ја освои – да. Освоивме тројна круна, а тој постигна 50 голови“, изјави Гвардиола.
За најголем фаворит за освојување на Златната топка се смета фудбалерот на Интер Мајами, Лионел Меси, кој со Аргентина ја освои светската титула на Мундијалот во Катар.
Гвардиола, кој во минатото му беше тренер на Меси во Барселона, наведе дека Аргентинецот заслужува индивидуална категорија, кога е во прашање Златната топка.
„Златната топка мора да биде од два дела. Една за Меси, а другата за останатите. Најлошата сезона за Меси, е најдобра за другите“, наведе Гвардиола.