Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) објави денеска дека квалификацискиот дуел за ЕУРО2024 меѓу Белгија и Шведска што во понеделникот беше прекинат на полувреме, откако играчите дознаа дека во градот се убиени двајца шведски навивачи, нема да биде продолжен и ќе биде регистриран со резултатот 1-1, кој беше актуелен во моментот на прекин.

Натпреварот меѓу Белгија и Шведска загуби резултатска важност, откако претходно во понеделникот Австрија со 1-0 го совлада Азербејџан и со тоа стана јасно дека првите две места во групата Ф кои обезбедуваат пласман на ЕУРО2024 ќе ги заземат Белгија и Австрија.

По денешната одлука на УЕФА, Белгија е на чело на групата со 17 бодови, пред Австрија со 16, додека Шведска е третопласирана со седум бодови и натпревар помалку.

„Двете национални федерации, земајќи ги предвид околностите, децидно бараа натпреварот да не биде доигран и резултатот од полувремето се смета за конечен“, објави УЕФА.  (МИА)