Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, коментираше пред натпреварот од 22-то коло со Астон Вила во Премиер Лигата дека им е тешко на младите играчи да се приклучат на тимот, а Шпанецот ја кажа причината за тоа.

– Сакам да играм со многу млади играчи, но сето тоа зависи од нив, нивниот развој. Јас се обидувам да им помогнам, како што правев и во Барселона, но имаме многу големи амбиции. Мора да победуваме на секој натпревар, рече Гвардиола.

Според него, младите играчи во тимот треба да се борат за своето место во составот со неверојатни играчи.

– Суровата реалност е дека дури и неверојатните играчи како Фил Фоден не го добиваат времето што го заслужуваат. Моите асистенти секогаш внимаваат на младите играчи, и ако јас забележам некој што ќе се истакне, тој ќе добие шанса, додаде Каталонецот.

Вечерва „небесносините“ гостуваат на Астон Вила од 17:30 часот. Сити се на третото место на рангот со 44 поени, на 17 зад лидерот Ливерпул.