Специјалното обвинителство во Хаг досега на сослушување како сведоци или осомничени повикало околу 100 припадници на поранешната Ослободителна војска на Косово.
Според еден од поранешните припадници на ОВК Хисни Гуцати, првите обвиненија би можело да бидат објавени во семтември или октомври, објави „Зери“.
Тој тврди дека бројот на повици до поранешни припадници на ОВК се зголемува од ден на ден.
Специјалниот суд на Косово, формиран за да ги гони случаите наведени во извештајот на Советот на Европа, кој беше објавен пред осум години, според кој некои поранешни членови на Ослободителната војска на Косово се одговорни за брутални злосторства, е подготвен да ги подигне првите обвиненија. Специјалниот суд пред повеќе од седум месеци почна да ги испраќа првите повици до поранешните команданти и борци на ОВК да се јават на сослушување во својство на сведоци или осомничени.
Иако седиштето му е во Хаг, специјалниот суд, законски е дел од правниот систем на Косово, но е независен од косовското судство. Во него е ангажиран меѓународен персонал, а сите одлуки и именувања поврзани со овој суд, ги носи Европската унија.