Малите хидроцентрали кои се граделе и се градат, нема апсолутно, па и на долг рок, да го решат проблемот со недостиг на струја во земјава. Спас не треба да се бара ниту во сончевата или ветерната енергија. Единствен начин да се соочиме со ситуацијата, е да го искористиме она што го имаме, да ги модернизираме од темел постојните капацитети и да ја замениме дотраената, амортизирана опрема, смета поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.
Според него, грешките во енергетскиот сектор не се од сега, но не е точно и она што го велат сегашните власти – дека благодарение на нивните добри политики, успешно и подобро од сите други се справуваме со кризата.
Хајредини подвлече дека клучното решение во светски рамки се нуклеарните електрани и термоцентралите, нешто кон кое се вртат сите земји.
-Во јавноста се создава неточна слика за состојбата, посебно за енергетиката. Владините претставници не го прават тоа поради незнаење. Ценам дека сите се писмени кадри, но поради политиката, стравот од губење на избори, тие се принудени да ја прикажуваат состојбата многу прозова отколку што вистински е. Немаме каде. Мора да го користиме она што го имаме, да се инвестира во модернизација и во замена на постојните опреми. Ова е реалната ориентација и надлежните тоа го знаат, дека состојбата е ваква, а ние се занесуваме, и тоа претставници на власта, ќе правиме „зелена агенда“ и веќе нема да има загадување – ќе има, ќе се загадиме ама мора да имаме електрична енергија, истакна Хајредини на денешниот панел „Мерливоста на вредностите: економски визури“.
Тој е дециден дека проблемот е во застареноста на капацитетите што ги имаме и не е точно дека нивна алтернатива се сончевата или енергијата на ветерот, ниту малите централи. Со оглед дека немаме можност да градиме од темел големи енергетски капацитети, треба, повтори Хајредини, да ги модернизираме постојните.
-Се уште не можеме да речеме дека сончевата енергија може да ја спаси која било држава од недостиг на струја. Државите се повторно принудени да градат нуклеарни електрани. Повторно бараме спас во се што се мислеше порано дека во иднина нема да го има поради опасност или загадување. И немаме друг спас. И кај нас, ако, фотоволтаици и централи нека се градат. Никој нема против. Но, тие не се решението за нашиот проблем. Второ, и исто така многу важно, а одамна за тоа се зборува, е дека резервите на јаглен завршуваат, толку се. Тие се и скапи зашто не се работи за површински коп, како во Косово. Увозот, пак, е евтин, но многу чини транспортот, укажа Хајредини.
На панелот претходно зборуваа и академиците Таки Фити и Абдулменаф Беџети, а воведно обраќање имаше и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Во рамки на дебатата „В/РЕДНОСТИ и ВРЕДНОСТИ“ која може да се следи директно на фејсбук страницата на Народната банка, денеска се одржуваат вкупно три панели. Дебата ќе продолжи и на 5 септември, со уште три одделни панели.