Портпаролот на косовската влада Перпарим Криезиу синоќа потврди дека институциите на Косово во последните два дена имале привремени проблеми со интернет сервисот, како резултат на хакерски напади.
Тој рече дека нападот не навлегол во инфраструктурата на државната компјутерска мрежа и дека е идентификувано дека нападот дошол надвор од Косово.
– Тимот од секторот за кибер безбедност на Агенцијата за информатичко општество, во соработка со надворешни експерти, идентификуваше дека проблемот со интернет услугата е резултат на кибер напад. Кибер нападот не навлезе во инфраструктурата на државната компјутерска мрежа откако беше блокиран од соодветната безбедносна опрема, рече тој.
Според него, утврдено е дека кибер нападот дошол надвор од Косово, а цел била ИП на која се објавени повеќе веб страници на косовските институции, додека од секторот за сајбер безбедност биле преземени конкретни активности со цел надминување на овој кибер напад и враќање на интернет сервисот во функција.
– Ситуацијата во моментов е стабилна и се следи, вели тој.
Коха.нет пишува дека со анонимно писмо во понеделникот навечер било предупредено на напад врз институции и медиуми во земјава.
Во писмото на англиски јазик се наведува дека нападот ќе биде извршен поради „ширење омраза против муслиманите“.