Компаниите од Македонија малку ги искористуваат средствата што им се нудат од европските фондови, но доколку бидат поактивни и поинформирани, во земјава може да влегуваат годишно од половина милион до една милијарда евра како поддршка за бизнисот и економијата, беше истакнато на денешниот бизнис форум посветен на европските фондови и програми за економски развој.
Од невладината организација „Обединети бизнис клубови“ од Бугарија, која го организираше денешниот настан во Скопје, велат дека малите и средните претпријатија се најважните економски чинители во општеството кои претставуваат над 90 проценти од бизнисот во една земја и оти искористувањето на европските фондови и програми е многу важно, како за нивниот развој, така и за економскиот развој на државата.
– Засега малку претпријатија од С. Македонија ги искористуваат европските фондови. Компаниите треба да знаат дека има и европски фондови и програми кои се управуваат директно од Европската комисија во Брисел и оти можат директно да аплицираат за овие програми, но исто така и за програмите што се управувани на национално ниво како што се ИПА и ИПАРД, изјави Веселин Халачев, претседател на „Обединети бизнис клубови“.
Условите за искористување на средства од европските фондови и програми, според Халачев, не се толку тешки и сложени, а, како што вели, во Европската комисија се размислува да се олеснат условите за следниот период од 2021-2017 година.
Според бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, двете држави треба да го искористат претседавањето со Берлинскиот процес и да привлечат што поголем интерес од Брисел кон регионот и кон двете држави.
– Се уште имаме проблеми како што се железницата, автопатот и гасоводот и треба да направиме се што е возможно за бизнисот меѓу двете држави да биде добар, изјави Ангелов.
Целта на денешниот настан е да се информираат бизнисмените од земјава за можностите што ги нудат европските фондови и програми.