Немаме закон за забранети имиња, а треба да го имаме, изјави поранешниот амбасадор Мухамед Халили во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, зборувајќи за отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола
– Важен е ликот на Ванчо Михајлов, но ние немаме закон за забранети имиња. Секоја држава има таков закон, а ние немаме. Самото отворање на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ беше една голема провокација, изјави Халили.
Тој додава дека среќа е што нашите институции не потпаднале под тие провокации.
– Да беше поинаква реакцијата, ќе беше алиби на Бугарите дека Македонија не се интересира за малцинските права на Бугарите и не им дава на нив простор да се докажат. Бугарија проблемот го започна со еден друг метод, а тоа е да го негира постоењето на македонскиот јазик и нација, рече Халили.
Поранешниот амбасадор посочи дека црната дамка не било отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, туку изјавите на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова дека нема понатамошна интеграција на Македонија во Европската Унија доколку пред јуни не бидат ставени Бугарите во македонскиот Устав.
Халили потсети дека и во Бугарија има граѓани кои се декларираат како Македонци и мора да се признае тоа чувство, без разлика дали зависи од бугарскиот Устав.