Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се огласи на Твитер по вчерашниот неуспех на лидерите на ЕУ да донесат јасна и суштинска одлука, како што ветија во јуни, за стартот на преговори со Македонија и Албанија.
– ЕУ лидерите не успеаја да ги исполнат своите заложби за отворање на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија на Европскиот Совет. Ова претставува екстремно разочарување. Земјите членки на ЕУ сега треба да се изјаснат за тоа колку е сериозна нивната заложба кон ЕУ интеграцијата на Западниот Балкан, напиша Хан.
Комесарот Хан повтори, како и во Луксембург, дека ова не е момент со кој може да се гордее ЕУ.
– Да се одбие признанието на докажан напредок ќе има негативни последици, вклучително и ризикот од дестабилизација со целосен импакт врз ЕУ, предупреди Хан.