Хаос пред почетокот на учебната година, Владата чекаше седум месеци за да не направи ништо

/ 27.08.2020

Владата на СДСМ на цели 5 дена пред почетокот на учебната година конечно реши да објави дека наставата во основно и средно образование ќе почне на 1-ви октомври, цел месец по вообичаениот термин. Веројатно и ова немаше да се случи да не беше притисокот од родителите, кои бараа и инсистираа на информации за образованието на своите деца, па Владата како голем успех соопшти дека нејзини членови имале средба со нив. На средбата ги повториле флоскулите кои ги повторуваат во последните 2 недели без да понудат конкретни решенија и точни информации, се вели во соопштението на комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.

-Состојбата се вжештува и меѓу наставниците и професорите, од кои дел, деновиве, една недела пред вообичаениот датум за почеток на учебната година, посетуваат курсеви за употреба на Мајкрософт 365 платформата, а немаат скратена програма, календар и распоред на часови, немаат компјутери и соодветен интернет во училиштата, ниту соодветни протоколи за работа во училиштата, каде што ќе се одвива настава со физичко присуство за децата од прво до третто одделение. Сè уште формираат работни групи, сè уште дискутираат за ингеренциите и одговорностите на институциите, сè уште даваат обврски до МОН и општините, сега кога сè треба да е подготвено и да се чека само донесување на измените во законите, што всушност може да се направи на првата собраниска седница по формирање на Владата. Веројатно ќе чекаат 30-ти септември, за да предложат измени во законот од две-три реченици, кои потоа во стил на уредбите, ќе ги дополнуваат, поништуваат, па ќе носат нови, се додека не заврши полугодието. Сега кога се знае дека ќе се загубат околу 100 до 140 училишни часа наставниците веројатно треба да добијат нова програма по која ќе работат, или Владата мисли дека ова ќе се надополни? Кога и како никој не знае, па веројатно ни тие самите, оние кои се задолжени да знаат и имаат одговорност пред сопствениот народ. Што правеше 7 месеци Владата на СДСМ? Зошто не ги искористија летните месеци, за да се подготват? Ако имаа концепт и се грижеа за подмладокот на оваа земја учебната година ќе ја почнеа на 1-ви август, а не на 1-ви октомври. Деновиве училиштата добиваат дописи за спроведување анкети за потребите на наставниците и учениците за изведување на онлајн настава. Просто неверојатно, еден месец пред 1-ви октомври, кога планираат да ја почнат учебната година, тие прибираат податоци за потребите на училиштата, наместо да ги опремуваат и подготвуваат за отворање. За потребите на учениците не станува збор. Учебници ветуваа во септември, па во февруари, па во април, еве повторно стигна септември, а учебници нема, нема печатени и нема електронски. Од што ќе учат децата? Снимените емиси од минатото полугодие без никаква интеракција, не се покажаа успешни, онлајн наставата незадоволителна, ако не секаде барем во голем дел од училиштата. Некои деца воопшто не се приклучиле на настава, барем така кажуваат некои родители, истакнуваат од комисијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо да се искористи искуството од минатото полугодие, ова полугодие го дочекуваат исто така неподготвени. Ако за пропустите во минатото полугодие може и да се најде некакво оправдување, за ова нема, нема оправдување за неспособност, незинтересираност и неодговорност. Минатото полугодие имаше пропусти, а изгледа дека со ваква организација во ова полугодие пропустите ќе бидат поголеми, знаењето на децата скудно, родителите незадоволни, а наставниците фрустрирани. Со среќа незнаењето!


Од истата категорија