Напади врз пожарникарите и полицајците со ракети и моќни петарди ја одбележаа новогодишната ноќ во Германија, а епилогот е десетици повредени и приведени лица.
Младо лице на 17 години во Лајпциг подлегнало на повредените здобиени од несоодветно ракување со пиротехнички средства.
Од тие причини, синдикатите на пожарникарите и на полицијата бараат воведување камери за снимање на нивните активности на терен, како и целосна забрана на пиротехниката која во Германија е своевиден национален спорт за новогодишната ноќ.
Само во Берлин полицијата и пожарникарите за новогодишната ноќ интервенирале 3.943 пати, а притоа се повредени 33 полицајци и пожарникари.
Во квартот Кројцберг биле опожарени барикади, а потоа, како што пишува весникот „Билд“, 200 маскирани лица со пиротехнички средства ги нападнале полицајците и пожарникарите.
Во квартот Нојкелн имало околу 50 демонстранти, од кои некој фрлил експлозивна направа кон полициско возило. Во Берлин се приведени повеќе од сто луѓе.
Синдикатот на пожарникарите бара нивните возила да бидат опремени со камери, поставени на ветробранското стакло, за да може да се документираат нападите.
Полицискиот синдикат од Берлин бара забрана за продажба на пиротехнички средства и дозвола за ракување со пиротехника исклучиво на професионални лица и служби.
Покрај нападите врз вработените во јавните служби, долга е листата повредени од несоодветно ракување со ракети и петарди.
Во источниот град Шенебек, 42-годишен маж настрадал откако бил прегазен од автомобил додека поставувал пиротехника на улица.
Во Уна во западнот дел на Германија, петарда паднала во капата на двегодишно детенце при што тоа е тешко повредено.
Голем е бројот случаи на тешки изгореници и повреди на раце и нозе, изгубени очи. Во Фримар во провинцијата Тирингија, маж (42) се здобил со толку тешки повреди од петарди нарачани преку Интернет што му биле ампутирани двете подлактици.
Политичарите од опозициските демохристијани и владејачките либерали се спротивставија на општа забрана за пиротехнички средства.
– Криминалното однесување не смее да значи дека треба да се забрани огнометот за оние кои мирно прославуваат, рече пратеникот на демохристијаните, Торстен Фрај. Тој смета дека е доволно што локалните самоуправи веќе можат да забранат огномет на одредени места.
Германците трошат повеќе од 120 милиони евра годишно на пиротехнички материјал.