Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај оцени дека неговата партија, Алијансата за иднината на Косово (ААК), е денес „поблиску од било кога до реализација на проектот 100 отсто држава“, јави МИА од Приштина.
По синоќешната средба со локалните партиски структури во Исток, во рамки на неофицијалната кампања што ја започна за предвремените парламентарни избори што треба да се одржат есенва, Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека вложил големи напори да го спречи, како што наведе, „распарчувањето на Косово“.
– Не беше лесно да се спротивставиш на проектот за распарчување на Косово. Не беше лесно да се формира војската, ниту да се заокружи прашањето на Трепча и другите големи теми од национален интерес. Но, нашиот отпор и конзистентност се исплатеа и денес сме поблиску од било кога до реализација на проектот 100 отсто држава, напиша Харадинај, кој минатиот месец поднесе оставка од премиерската функција.
Како премиер, Харадинај беше најголем противник на заложбите на косовскиот претседател Хашим Тачи за „корекција на границите“, со цел постигнување конечно решение за споровите со Србија. Идејата на Тачи индиректно ја поддржа неговиот српски колега, Александар Вучиќ, кој се заложи за „разграничување со Косово“.