Владата на Косово објави дека „зачленувањето на полицијата на Косово во Интерпол пропадна“ и изрази „големо разочарување поради тоа што на Косово не му се овозможи да биде дел од светското семејство на полициите, кои се борат против меѓународниот криминал“, јави дописникот на МИА од Приштина.
За неуспехот да се зачлени во светската полициска организација, Владата во Приштина го обвини Белград, односно неговата кампања против Косово.
– Дивата кампања на Република Србија го покажа уште еднаш нејзиниот карактер против Косово и против нормализацијата на односите со Република Косово, дотолку повеќе што ова зачленување беше техничко, а не политичко прашање, се наведува во соопштението од Кабинетот на премиерот Рамуш Харадинај.
Според косовската Влада, гласањето против приемот на Косово во Интерпол е во полза „единствено на криминалот и на криминалците и никој не би требало да се радува на тој факт“.
Владата им се заблагодари на сите земји кои гласаа „за“, како и на оние кои се потрудија да му помогна на Косово во овој процес.
– Косово ќе продолжи со консолидирањето на сопствените институции и во една многу блиска иднина ќе биде и целосно членка на Интерпол, порача Владата во Приштина.
На денешното гласање на Генералното собрание во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, Косово не успеа да ги обезбеди потребните две третини од гласовите на членките на Интерпол за зачленување во организацијата.