Полицајци и војници денеска упаднаа во Парламентот на Папуа Нова Гвинеја, во знак на протест поради неисплатените бонуси за нивната работа за време на Самитот на Организацијата за Азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК), одржан изминатиот викенд.

Како што јави австралиската телевизија Еј-Би-Си, тие го блокираа патот што води до зградата на Парламентот во главниот град на Папуа Нова Гвинеја, Порт Морсби.

Полицајците и војниците се незадоволни бидејќи не им е исплатена ветената дополнителна заработка за време на меѓународната средба.

Како знак на револт тие кршеа прозорци, врати и мебел. Неколку пратеници изјавија дека се затвориле во своите канцеларии.

На меѓународната средба, што се одржа на 17 и 18 ноември, учествуваа шефовите на држави или влади на Австралија, Брунеи, Виетнам, Индонезија, Канада, Кина, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Папуа Нова Гвинеја, Перу, Русија, Сингапур, САД, Тајланд, Филипини, Чиле, Јужна Кореја и Јапонија, како и претставници на раководствата на Хонг Конг и Тајван.