Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска дека Белград е продолжена рака на Москва на Балканот и дека Приштина веднаш ќе ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија доколку таа почне да се однесува европски, јави МИА од Приштина.
– Со тоа што и го отворивме нашиот внатрешен пазар, ние на Србија ѝ дадовме стотици милиони за да купува оружје во Москва. Доколку Србија не се смени, тогаш таксата ќе остане засекогаш. Доколку сака да се договориме за меѓусебно признавање и да работи на Балканот според европската и американската логика, ќе ја укинеме таксата уште денеска. Србија е мини-Русија на Балканот, изјави Харадинај на предновогодишната средба со новинарите
Тој додаде дека таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина претставува и економска мерка, во заштита на косовското стопанство.
Косовскиот премиер најави дека во 2019 година неговата Влада ќе се посвети на развој на економијата.
– Нашата енергија и нашето внимание ќе биде свртено кон економијата. Програмите кои ќе ги започнеме во текот на идната година се веќе пред нас, изјави Харадинај.