Косовскиот премиер Рамуш Харадинај порача денеска дека неговата земја е среќна што на својот историски пат има стратешко партнерство со САД, јави МИА од Приштина.
По денешната средба со делегација на американските универзитети „Џејмс Медисон Јуниверзити“ и „Мерсер Јуниверзити“, Харадинај на Фејсбук напиша дека поддршката за школувањето на младите од Косово од страна на САД е „една од главните области во кои Владата е посветена да ја продолжи соработката“.
Раководители и професори на двата универзитети во Приштина учествуваат на дводневна конференција на тема „Од мир до просперитет – трансформација на косовското општество преку добро лидерство“, во организација на Министерството за образование, Стопанската комора на Косово и Американската стопанска комора во Косово.
– Имав задоволство да им се заблагодарам на професорите на овие познати универзитети за организирањето на оваа конференција, која има за цел подигнување на знаењата за лидерство и менаџмент и натамошен развој на способностите. Изразив волја и подготвеност ова искуство да го претвориме во долгорочен пат на соработка, овозможувајќи им на нашите деца квалитетно школување и најнапредни практики на лидерството, напиша Харадинај.