Кандидатката на Демократите, Камала Харис вечерва се обрати пред јавноста по губењето на изборите во САД.

Присутните ја пречекаа со скандирања „Камала, Камала, Камала…

-Моето срце е полно денес, полно со благодарност, љубов кон нашата земја. Исходот не е она што го сакавме, за што се боревме, за што гласавме. Но слушајте ме, светлината секогаш ќе гори, се додека се бориме, рече Харис додека ги задржуваше солзите.

Таа им се заблагодари на колегите, нејзиниот кандидат за потпретседател, волонтерите, актуелниот претседател Џо Бајден за довербата…

-Толку сум горда на нашата трка и како ја водевме, рече таа, додавајќи дека тие ги обединиле луѓето.

Харис вели дека му честитала на Доналд Трамп и кажа дека ќе му помогне во трансферот на власта.

-Реков дека ќе има мирен трансфер на власта. Ние се придржуваме до принципот на мирен трансфер на власта. Ова ја разликува демократијата од монархија и тиранија. Ние му должиме лојалност не на претседателот и партијата, туку на американскиот Устав. Признавам пораз, но не се откажувам од борбата што ја водев во кампањата. Борбата за слобода… Тоа е борба од која никогаш нема да се откажам. Никогаш нема да се откажам од тоа Американците да можат да ги остварат своите аспирации , во Америка каде жените имаат избор, во која училиштата и улиците се заштитени од оружено насилство, рече таа.

И претседателот Џо Бајден телефонски разговарал со Доналд Трамп, кој победи на претседателските избори во САД, јавија американските медиуми.

Бајден „го покани новоизбраниот претседател Трамп на средба во Белата куќа. Персоналот ќе координира одреден датум во блиска иднина“, според Белата куќа.

„Утре, претседателот Бајден ќе и се обрати на нацијата за изборните резултати и транзицијата на власта“.