Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, осврнувајќи се на тензиите на Блискиот Исток и вооружениот конфликт меѓу Израел и Иран, ја потврди поддршката на Албанија за „правото на Израел да ги заштити своите граѓани од вистински закани”.
-Албанија го потврдува правото на Израел да ја одржува својата безбедност и да ги штити своите граѓани од вистински закани. Во исто време, го повикуваме Иран да ги запре своите нуклеарни и балистички ракетни активности и да дејствува во целосна согласност со своите обврски според меѓународното право, вклучително и Договорот за неширење на нуклеарно оружје, рече Хасани.
Тој нагласи дека Иран е тој што мора да ја запре својата нуклеарна активност и дека Тел Авив има право на самоодбрана. Оцени дека употребата или развојот на нуклеарно оружје би имало катастрофални последици во регионот и пошироко.
-Во овој контекст, Албанија ги повикува сите страни да се посветат на намалување на тензиите и да се вклучат во одржливо политичко решение, нагласи Хасани.
Тој изрази голема загриженост од ескалацијата на ситуацијата, оценувајќи го како сериозен ризик за пошироката регионална стабилност со глобални последици.
Фото: архива