Досиејата кои се однесуваат на повеќе од 15 осомничени за тешки кривични дела се предадени на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора.

Ова за ТВЦГ го потврди портпаролката на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови во Хаг, Хелена Еглестон.

За сексуално насилство се товарат голем број осомничени, чии имиња фигурираат во досиејата на хашката институција.

„Во својот говор пред Советот за безбедност на ОН, обвинителот на механизмот Серж Брамерц потврди дека неговата канцеларија редовно добива поголем број барања за помош од домашното правосудство. Некои барања се посложени по обем и значење“, рече Еглестон.

Во врска со ова, како што наведе, Брамерц потврди дека Специјалното државно обвинителство на Црна Гора испратило барање за помош до Обвинителството на механизмот, кое соодветно реагирало и подготвило истражно досие кое сега е предадено на Обвинителството во Црна Гора кое се однесува на „повеќе од 15 осомничени, од кои многумина се осомничени за тешки кривични дела сексуално насилство, вклучувајќи силување, сексуално ропство, присилна проституција и трговија со цел сексуална експлоатација“.