На доводот Горна Радика, поточно Речки канал, поради интензивните врнежи во последните неколку дена, се случи лизгање на теренот и оштетување на дел од каналот, при што дел од водата се излева надвор од доводот, информираат од АД ЕСМ.
-Наши стручни лица се на терен и се преземаат сите мерки околу санирање на оштетениот дел од каналот, кој во преостанатиот дел е во функција и непречено ги носи водите до хидроелектраната Врбен, додаваат од ЕСМ.
Претходно македонскиот портал Курир објави за хаваријата што се случила утрово.
Според информациите до кои дојде Курир утрово пукнал доводен цевковод на ХЕЦ Врбен во општината Маврово Ростуше, а истиот е во надлежност на ЕСМ (ЕЛЕМ).
„Хидроелектричната централа Врбен се наоѓа во близина на селото Врбен и е дел од ХС Маврово, заедно со ХЕЦ Вруток и ХЕЦ Равен. ХЕЦ Врбен е најоддалечена од трите хидроелектрани на системот и истата претставува проточна хидроелектрана. Таа има два струјотвори и вкупна инсталирана моќност од 12,8 мегавати. Инсталираниот проток на хидроелектричните постројки изнесува 4,6 м3/сек., додека бруто-висинскиот пад на нивото на водата изнесува 193 метри“, објави Курир.
Вакви хаварии во енергетска криза најмалку ни се потребни, со оглед на тоа дека Македонија се уште не е обезбедена со потребните количества на струја и гас за зимската грејна сезона.
Видеото може да го отворите ТУКА.