Амбасадорот на Германија во Косово Кристијан Хелд ја оцени како „охрабрувачки и храбар чекор“ одлуката на косовскиот премиер Албин Курти за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на сировини од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на својата страница на Твитер, Хелд вели дека тоа може да води кон еден конструктивен процес за отстранување на трговските бариери меѓу Косово и Србија.

– Еден охрабрувачки и храбар чекор  на премиерот Албин Курти само две недели по стапувањето на должност. Сега тоа треба да води кон еден конструктивен процес за отстранување на трговските бариери и слободното движење меѓу Косово и Србија и обновување на заложбите за дијалог кој ќе води кон целосна нормализација, напиша Хелд.

Курти во четвртокот објави дека од 15 март ќе се укине таксата, воведена во ноември 2018 година, на увозот на суровини од Србија и БиХ, а за натамошните мерки ќе се чека реакцијата на официјален Белград.

Доколку Србија го смени односот, односно престане со кампањата против косовската неазвисност, на 1 април таксата целосно ќе се укине за наредните 90 дена, а во меѓувреме ќе се воведува, првин трговски, а потоа и економски и политички реципроцитет кон соседната држава. Доколку, пак, српските власти продолжат со агресивниот однос кон Косово, тогаш од 15 јуни Курти порача дека ќе ја врати состојбата која ја затекна кога ја презеде премиерската функција, на 3 февруари годинава.

Пред германскиот амбасадор, одлуката на Курти вчера ја поздрави шефот на дипломатијата на Европската унија Жозеп Борел, како и официјални претставници од неколку држави членки на Унијата.

На делумното укинување на санкциите кон Србија и БиХ се спротивстави официјален Вашингтон, кој преку пратеникот на претседателот Доналд Трамп за преговорите Приштина – Белград, амбасадорот Ричард Гренел, порача оти од Курти се очекува целосно и без условувања да ја укине таксата. Барањето на американците за целосно укинување на таксата го поддржува и претседателот на Косово Хашим Тачи, како и коалициониот партнер во Владата на Курти, Демократскиот сојуз на Косово (ВВ).